Tина Иванова, музиколог, продуцентка, писателка – секоја сабота на Фронтлајн.
ЌЕ ПОМИНЕ
Се плашиш ли од смртта? Немој, таа е прекрасна жена. Но, знај! Храбриот може да и пријде на начин на којшто само тој ги знае триковите. Па, ќе ја бакнува, среќен тој, со силна страст како актер на филмско платно од 60тите.
Мислиш ли дека смртта е како временска машина? Нè носи ли кај саканите, кај оние по коишто долго копнееме?
Ех, ако ја видам баба ми, ќе ми ги направи најубавите полнети пиперки, лепчињата со рендано јајце и питата со сирење. Ммм, ако се вратат тие мириси, тие сеќавања, турското кафе и цигарите „Југославија”, нејзините ситни очиња полни милост, тогаш во рајот влегувам на црвен тепих.
Ќе го видам ли и него? Сигурно ќе ми каже уште некој виц којшто нема да може секој да го разбере, ама па ние ќе се „газиме” од смеење во нашиот осамен црно-бел свет.
Мислам дека веќе почнав да му се приближувам на Дејвид Боуви. Тој не ме забележува, ама каде од сите па мене ќе ме види? Не е битно, јас го гледам, блиску ми е.
А, дали смртта е мојата рутина? Мојата маршрута од дома до работа, пак на работа, до дома, истите луѓе, некои заминуваат порано, некои не ни размислуваат за одење. Дали во тој круг од исти погледи, улици и дрвја кои ги менуваат истите бои на лисјата, се движи и таа?
Купив двоглед, да видам дали ја има и во другите.
Некаде е толку присутна што дури не се ни забележува. Ја видов кај еден маж. Го покрила со тежок, темен плашт од којшто не може да прогледа ништо што е убаво. Една жена, пак, ја нашминкала со белило кое ја истакнува секоја нејзина горчина низ борите. А, таа, купува нови руменила за да лажира ведрина. Друг маж го полеала со бензин. Па, не смееш да фрлиш чкорче во негова близина, ниту да запалиш цигара, оти веднаш ќе пламне насобраната тага и ќе се претвори во ѕвериште кое гризе и тепа.
Дали меѓу нас живите има многу умрени? Дали ние сме мртви или не? Кој е на другата страна? Кој ги креира нашите соништа?
Човекот којшто ја загуби љубената секојдневно страда по неа и ја моли смртта да го земе и во сон и на јаве, но таа му вели: „Не е твој ред”. Па, каде тој да се обрати, ако само таму може да го најде билетот во еден правец? И дали е тој оној храбриот што едвај ја чека да му дојде или е страдалник по љубовта без која не може да живее?
Ах, овој живот маченички, со прашања без одговори.
Тешко ми е да станам. А, морам. Кој ме движи? Се прашувам. Дали љубовта, или можеби немирот? Можеби надежта дека сепак, болката ќе помине. Ќе помине…
„Поезијата е поблиску до вистината, отколку историјата, рекол Платон.
Пишувам поезија и проза за да ја разберам осаменоста. За да ја засилам љубовта и полесно да се доближам до смртта. И, за да ги уништам злобата и лицемерието што се случуваат пред моите очи.” – Тина Иванова.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Не е дозволено преземање без писмена дозвола од редакцијата.
Прочитајте и…