Во Србија утринава се регистрирани 149 случаи на заразени со вирусот Ковид-19, 31 случај повеќе од вчера и еден починат пациент. Веќе шести ден на сила е вонредна состојба, а трет ден и полициски час и забрана за излегување на постарите од 65 години, затворени се сите гранични премини за патнички, железнички и речен сообраќај, како и меѓуградскиот сообраќај, освен за патнички возила.
Како што јави дописникот на МИА, синоќа од српската Влада соопштија дека од денеска во 20 часот се укинува јавниот превоз во Србија и се затвараат сите ресторани, кафулиња и трговските центри. Нова мерка е и забранат за собирање на повеќе од пет лица.
Епидемиологот Бранислав Тодоровиќ за РТС изјави дека меѓу 27-те заразени во Ниш, има доктори и медицински сестри од Клиничкиот центар Ниш.
-Во моментов имаме еден хоспитализиран колега на Клиниката за инфективни болести. Од 19-те лекари кои се наоѓаат во домашна изолација, има шест доктори и две медицински сестри…што е најава за нешто што ќе се случи, објасни тој, додвајќи дека две клиники КЦ Ниш се практично затворени додека вработените се во самоизолација.
Привремено е прекинат и авиосообраќајот, освен за хуманитерни летови, со кои Србија со специјални летови ги враќа нејзините државјани, заробени по аеродромите во Европа.
Самовработените претприемачи, како што се фризери, козметичари, кројачи, програмери, сопственици на ресторани и трговските продавници, почнаа привремено да ги затвораат деловните активности, јавува Политика, наведувајќи дека 502 паушалци во Агенцијата за регистрирање на деловни активности барале да го замрзнат статус, за да не мораат да ги платат обврските.
Денеска во Србија се очекува голема пратка од Кина на голем број медицински помагала, заштитна опрема, а ќе пристигнат и кинески експерти, најави синоќа премиерката Ана Брнабиќ, а Европската унија итно и додели грант на Србија во износ од 7,5 милиони евра за борба против епидемијата COVID-19.