На повеќе Фејсбук групи утрово осамнаа фотографии со автобуси во Скопје, преполни со луѓе. Некои од нив носат заштитни маски и ракавици, а некои не, според коментарите на граѓаните, во автобусите кои сообраќаат по редуциран (саботен) возен ред,
На фотографиите може да се забележи дека во автобусите буквално нема место да се влезе, а во време на епидемија на корона вирус, една од мерките која строго треба да се почитува, освен седењето дома, е и задолжително растојание меѓу граѓаните од најмалку 1,5 метар, а во автобусите тоа не е пример, иако истите, како што објавија од ЈСП, редовно се дезинфицираат.
Покрај луѓето кои мораат да стигнат на своите работни места, можат да се забележат и граѓани кои имаат повеќе од 55- 60 години, кои според анализите и препораките на Светската здравстена организација и според статистиките направени од најпогодените земји во светот од Ковид-19, се во најризичната група кај која е забележен највисок степен на смртност.
Јавниот градски превоз вози со редуциран возен ред, но некои граѓани поради описот на работата не можат на работат од дома и треба да се појават на своето работно место.
Од ЈСП за Фронтлајн велат дека ги чекаат насоките од Град Скопје, од каде пак чекаат нови одлуки и мерки од страна на Владата.
Дали поради неодговорноста на дел од граѓаните, јавниот градски сообраќај ќе биде целосно запрен или една од мерките може да биде вдвојување на бројот на автобусите за да не се создава гужва?
Инаку од саботата, 14 март 2020, билетарниците на ЈСП Скопје и центрите за персонализација работат со скратено работно време, односно до 18 часот.
„Во сила е одлуката за редуциран јавен превоз, односно возилата на ЈСП Скопје и приватните превозници сообраќаат по редуциран возен ред, идентичен на оној како за време на зимскиот и летен училиштен распуст. Не важат бесплатните годишни средношколски и студентски билети, а укинат е и бесплатниот превоз за возрасни лица во вторник, петок, сабота и недела. ЈСП Скопје продолжува со дополнителна дезинфекција на своите возила, мерки кои се презедоа од пред десетина дена“, велат од Јавното сообраќајно претпријатие.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес конференција во Влада, рече дека доколку е потребно, ќе се забрани транспортот на луѓе меѓу градови и села.
„Владата има донесено мерка за намалување на 50 отсто на бројот на патници во меѓуградскиот превоз и патницитие да бидат најмалку два метра одалечени еден од друг. Согласно препораките на Кризниот штаб, Министерството за здравство и Владата доколку се смета дека е неопходно да се забрани транспортот на луѓе меѓу градови и села и таа мерка дополнително ќе биде донесена“, рече Сугарески.
Сугарески посочи дека во моментов согласно препораките во сила е само препораката за сериозно намалување на бројот на патниците во меѓуградскиот превоз.
До редакцијата на Фронтлајн исто така стигнаа информации дека и покрај забраните, граѓаните, (продавачи и купувачи) се собираат на зелените пазари, како и на кванташкиот пазар во близина на населба Маџари.
Ивана Т. Зафировска