Украина сакаше да му покаже на американскиот претседател Доналд Трамп и на нејзините европски партнери дека е сериозена за завршување на војната, рече претседателот Володимир Зеленски денеска за тоа зошто Кијив се согласи со предлогот за привремено примирје на Вашингтон, пренесува Кијив Индипендент.
Додека Украина првично предложи делумен прекин на огнот што ќе се прошири само на воздушните и поморските операции, американските делегати предложија целосно примирје за време на разговорите со украинските власти во Џеда на 11 март.
По добивањето на предлогот, Зеленски рече дека Украина е „подготвена за 30-дневен формат за прекин на огнот што го нуди американската страна“.
„Постојано нагласив дека никој од нас не и верува на Русија, но нема да си играме со наративи дека сакаме војната да продолжи. Јас сум многу сериозен и за мене е важно да се стави крај на војната. Сакам американскиот претседател да го види тоа; за Европа и сите да се обединат за да ја поттикнат Русија кон завршување на војната“, рече Зеленски на прес-конференција.
Украинскиот претседател исто така истакна дека прекинот на огнот ќе биде само првиот чекор кон целосен мир. По завршувањето на војната, ќе се укине воената состојба и ќе се одржат избори, додаде тој.
Администрацијата на Трамп вршеше притисок врз Украина да одржи избори дури и пред целосен мировен договор, иако украинскиот Устав го забранува тоа според воената состојба.
Според Зеленски, ќе биде потребна поддршка од меѓународните партнери на Кијив за „техничко следење“ на целосниот прекин на огнот. Тој го постави и прашањето дали Москва е отворена за договорот.
Кремљ не изрази официјален став за предлогот додека не може да разговара со Вашингтон. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека разговорите со Русија ќе се одржат на 12 март.
Ројтерс претходно истиот ден објави дека, според неоткриени руски официјални лица, Русија веројатно нема да се согласи со предлогот доколку не ги земе предвид напредокот на бојното поле на Москва и другите барања.
Ј. Ѓ.