Катастрофалната трагедија во Кочани, во која загинаа 51 лице, претежно млади, покрена многу прашања за безбедноста, контролата и функционирањето на институциите. Прашање што мора да се постави е како воопшто овој објект добил дозвола за работа како дискотека?
Според неофицијални податоци, објектот добил лиценца за работа во 2012 година. Тогаш, за првпат му било одобрено да работи како угостителски објект, иако според првичните информации, претходно бил користен како магацин и прашање е колку овој објект воопшто ги исполнувал техничките и безбедносните услови за да добие лиценца или таканаречените „минимум технички услови“ за работа.
Прашањата кои треба да се одговорат се:
Дали во 2012 година биле направени сите потребни проверки?
Дали било утврдено дека просторот ги исполнува стандардите за противпожарна заштита, безбедносни излези и капацитет за евакуација? Или, пак, сè било дозволено без сериозни контроли?
Кои институции, кои функционери и под чија одлука му дозволиле на поранешен магацин да стане ноќен клуб?
Болката по оваа трагедија е неизмерна. Токму затоа, институциите имаат законска обврска да одговорат на овие прашања и да ги земат на одговорност тие што ги направиле пропустите што доведоа до оваа трагедија. Системска и поединечна одговорност мора да има.
Д. Е.