пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Изгледав дел од евтиното телевизиско шоу на квази новинарот Момироски на ТВ Алфа, објавено на нивниот Јутуб канал на 25 март (насловот е нешто околу заспивањето). Искрено, изгледав, како што ми беше посочено, само неколку минути пред крајот на емисијата во која гостуваше Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ. Патетично!
Во првиот момент, откако слатко се изнасмеав, си реков дека не заслужуваат одговор. Но, во интерес на јавноста е да се реагира на безочни лаги, подли напади и дезинформации. Затоа, ќе го дадам својот вредносен суд во ова обраќање за кое се надевам дека професионалните медиуми ќе одвојат простор да го објават.
Се мислам и дали да му предложам на колегиумот на ЦИВИЛ да се произнесе и по повод водителските „акробации“ насочени против угледот на организацијата што постои 20 години и која ужива популарност и углед во целата земја и многу пошироко. Ќе видиме што ќе одлучат телата на организацијата во која имам чест да бидам основач и раководител.
Веднаш да кажам, немам намера да тужам. Има ТВ Алфа доволно проблеми со законот поради начините на финансирање и со сите други аспекти на своето дејствување против македонските национални интереси кои, како што напишав во една претходна прилика, имаат и импликации по државната безбедност. Кога ќе дојде време, сите ќе ги видиме до крај разобличените практики на овој медиумски монструм и контаминатор во јавноста.
Во емисијата на ТВ Алфа се гледа едно крајно арогантно, вулгарно и неодговорно однесување, отворена злоупотреба на функцијата и очигледно слугување на добро познатата агенда на криминално-политичкото подземје во нашата земја.
Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), секако и најавен како таков, свесно ги прегази сите етички и професионални принципи. Без ни малку достоинство, тој се впушти во едно неконтролирано редење лаги и конструкции кои немаат врска со реалноста и фактите. Како во најдобрите денови на режимот…
Со индигнација ги отфрлам сите лаги и клевети што беа изречени од водителот кој е и уредник во телевизијата и од директорот на АВМУ (не знам кој беше третиот лик во студиото и не го ни слушнав). Заслужува секаква осуда ваквиот начин на комуникација со јавноста од страна на директор на едно важно регулаторно тело во државата.
Според моето лично убедување, ова е неславен крај на една и онака не многу славна кариера. Разочарувачки е, иако не сум изненаден, тоа што толку приземно се злоупотреби функцијата и самата институција, АВМУ, за пресметка со мене. Да се разбереме, зад мене не стои институција која црпи милионски суми од буџетот на државата, не стои политичка партија, не стои телевизија со национална концесија која, впрочем, ја дава токму АВМУ. Јас сум автор, новинар, активист за човекови права. Толку ли може да ги боли вистината, па толкави ресурси, пари на граѓан(к)ите, злоупотребуваат за да ме замолчат? Толку ли боли вистината, па и сопственото достоинство и достоинството на функцијата во институцијата се фрла во калта, во обид со таа кал и мене да ме извалкаат? Навистина, разочарувачки. Вон контрола, сосема нечесно и во апашки стил, со ништо непредизвикан, без основа, без факти, а со подли клевети, го украде кредибилитетот на институцијата што ја води седум години и го фрли под нозете на пците на агитпропот на криминалниот режим во распад. Срамота!
Ирелевантно е дали нападот на водителчето и директорот на АВМУ биле целосно или делумно координирани од „белата палата“, или тие во овој поход со кратки нозе и врзани очи тргнале по своја волја (што, сепак, мислам дека е невозможно). Таман и дејствувале по своја волја, секако се со намера да одушеват некого, можете да претпоставите кого. Во секој случај, ништо не го спасува директорот на АВМУ од мизеријата на заборавот што и да направил, ако направил, добро во животот.
По неколкуминутното гледање на емисијата во која Трајчевски и водителчето се „прославија“ со директен атак против мене лично и против една респектабилна организација за човекови права и слободи, не можев, а да не го помислам следново:
„Така е тоа, кога ќе падне команда, нема простор за морални дилеми и преиспитувања, нема место ни за човечност, а не, пак, за срам. Нема избор. Ќе се пушти низ вода секој пион што е на располагање. Вемерето го искористи и овој лик, „наградувајќи“ го за слепото послушничко работење со еднократна, евтина и крајно антихеројска роља. Би сакал да не сум во право, но знам многу работи за тоа како функционира овој лик во АВМУ и затоа сметам дека е потребно да го споделам тоа овде.“ Но, тоа го помислив за момент, за потоа да се нурнам во мојата тајна полица да видам дали има некое благце, затоа што беше време да продолжам со „нормалниот“ живот среде заразата од корона вирусот и лажните вести.
Мисијата беше успешна, најдов еден мафин, па така, додека барав нешто ново на Нетфликс, си ја дополнив мислата: „За жалење се, истрошени и ветви човеколики крпи, валкани и усмрдени…“
Но, дајте да бидеме сериозни. Всушност, јас сум воодушевен и благодарен. Се нижат ликовите и емисиите на интернет медиуми и телевизии кои спаѓаат во категоријата која самиот Латас ја нарекува со познатата квалификација. И ја уверувам јавноста, и да имам пари, не би им ги дал за реклама на овие ликови кои се очигледно фрустрирани што, иако имаат милиони и функции, не можат да ѝ наштетат ни најмалку на една индивидуа без такви ресурси и позиции. Мора да вежбаат малку повеќе или да ги вратат парите од каде што ги земале и да побараат друга работа. А директорот? Нему му истече мандатот. Веројатно, очекува мрсна (л)апанажа. Освен ако не им ставиме крај на привилегиите на функционерите за кои гласно говориме веќе долго време.