Кристина Костова, во интервју за Фронтлајн, зборува за активизмот, еднаквоста и вистинската смисла на социјалдемократијата.
„Моето влијание и активизам не ги гледам изразени преку функции,“ вели Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ и долгогодишна општествена активистка, одговарајќи на прашањето – Како се гледа Костова – како активистка за социјални права, борец за родови права, или потпретседателка на СДСМ?. За неа, титулите се минливи, а вистинската смисла на ангажманот лежи во борбата за вредности – социјална правда, родова еднаквост и инклузивност на сите граѓани.
Костова во разговор за Фронтлајн нагласува дека квалитетот на животот зависи од можноста секој човек да ужива исти права, да има пристап до јавни услуги и институционална заштита. Притоа, таа остро се спротивставува на политики на омраза и на системско маргинализирање на групите што традиционално се исклучени од центрите на моќ.
„Неприфатливи се политики на омраза, на дехуманизирање на помалубројните, на оние што традиционално немаат пристап до моќ. А, токму во насока на реализирање на социјалдемократските вредности е обезбедување рамноправност и еднаквост за сите, како и разбирањето дека силата на едно општество произлегува од грижата на заедниците едни за други, а не во индивидуализмот и надмоќноста на вечно привилегираните. Борбата за родова еднаквост и социјални права е вткаена во социјалдемократијата. Оттаму, нема рангирање на едното наспроти другото, туку константна работа и посветеност да го направиме нашето општество подобро за сите“, вели Костова.
Таа појаснува дека за неа не постои рангирање помеѓу политичкиот ангажман и граѓанскиот активизам – и двете се дел од истата посветеност: создавање подобро и поправедно општество за сите.
Ј. Ѓ.
Поврзано:
Интервју со Кристина Костова: Мицкоски сака да владее во хаос, СДСМ се враќа со конкретни решенија