Во период на повеќекратни кризи и војни што траат и ја нарушуваат меѓународната кохезија, во период на асиметрични кризи, климатска криза и во период на хибридни закани, време е да ја преиспитаме основата врз која е создадена меѓународната безбедносна архитектура, за ова ќе разговараме, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, при пристигнување на неформалниот состанок на МНР на земјите-членки на НАТО во Анталија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Герапетритис посочи дека Грција се залага за зајакнување на колективните одбранбени капацитети и синхронизирање на темпото помеѓу Европската Унија и НАТО.
– Само со работа преку современи чекори, преку заеднички капацитети, преку проширени одбранбени системи, ќе можеме да се соочиме со глобалната криза, која во моментов е во тек, секој ден и со ново жаришта на тензија, рече министерот за надворешни работи на Грција.
Според грчките медиуми, на маргините на Самитот во Анталија се очекува Герапетритис да се сретне со министерот за надворешни работи на Турција Хакан Фидан.