Во организација на Странката на демократска акција на Македонија (СДА), денеска во Скопје започна меѓународната конференција „Сребреница – совеста на светот“, посветена на одбележувањето на 30 години од геноцидот во Сребреница.
Претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ, истакна дека конференцијата има две главни цели, сеќавање на жртвите од геноцидот и демократски одговор на неговото негирање.
-Нашата цел е да продолжиме како општество да се сеќаваме на жртвите од геноцидот во Сребреница, рече Хоџиќ, потсетувајќи дека Северна Македонија уште во 2010 година ја поддржала резолуцијата на Европскиот парламент за осуда на геноцидот.
Втората цел, како што дополни, „е да дадеме демократски одговор на тој антицивилизациски чин на негирање на геноцидот“.
На прашањето дали по 30 години од Сребреница, е „разбудена“ совеста во општеството, Хоџиќ потенцираше дека „светот денеска изгледа доста конфузно“, споменувајќи ги трагедиите во Газа и Украина како знаци дека светот сè уште не ги научил лекциите од минатото.
Во рамки на конференцијата се предвидени бројни панел-дискусии на кои ќе учествуваат политички и аналитички експерти, пратеници и претставници од различни организации, меѓу кои Љубчо Георгиевски (ВМРО-НП), Енес Ибрахим (Партија за движење на Турците), Ивон Величковски (Нова Република), поранешните пратенички Санела Шкријељ и Никица Корубин, новинарот и истражувач за дезинформации од ЦИВИЛ, Дехран Муратов, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, геополитичкиот аналитичар од Бугарија, Владимир Владимиров, пратеници од СДА Санџак во парламентот на Србија и други.
Освен локални учесници, преку видео-пораки ќе се обратат и европратеникот Илхан Ќучук (Бугарија), експертите за човекови права Хедер Роберсон Гастон (САД) и Кирстен Шонефелд (Германија), која е и директорка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ за Србија и Црна Гора.