Полоши од очекуваните се финансиски резултати за повеќето бизниси на Халкидики со намалена посетеност и намалена потрошувачка од посетителите, но и намален број грчки туристи, согласно истражувањето што за Комората на Халкидики го спровела агенцијата „Interview“ за периодот јуни и јули годинава, јави дописничката на МИА од Атина.
Во истражувањето во рамките на 20-от Барометар биле вклучени 365 бизниси со различна големина со цел да се евидентираат ставовите и проблемите на локалните бизниси, а резултатите според Комората „воопшто не се охрабрувачки“.
На прашањето „Како се одвива посетеноста оваа сезона во споредба со претходните години“, 63 отсто од бизнисите одговориле дека е намалена, 27 проценти рекле дека е „на исто ниво“, а само 10 отсто забележале зголемување на посетеноста.
Според 41,4 проценти од бизнисите од Халкидики кои учествувале во истражувањето, финансиската состојба на посетителите е главниот фактор за намалениот број туристи, за 29,3 проценти причината се цените во хотелите, угостителските објекти и сл., а за 16 отсто „виновникот“ е политичката/геополитичката нестабилност.
Повеќе од половина анкетирани бизниси (55 отсто) оценуваат дека трошењето по посетител е намалено, 38 проценти навеле дека е приближно исто, додека само седум отсто одговориле дека посетителите трошат повеќе пари од лани.
Речиси седум од десет бизниси што учествувале во истражувањето (69 отсто) рекле дела оваа сезона е намален бројот на грчки посетители на Халкидики, а 26 проценти сметаат дека е на исто ниво како и минатата година.
Претседателот на Комората на Халкидики, Јанис Куфидис за „Етнос“ вели дека оваа година бележат „многу големо зголемување на прометот во супермаркетите и главно во секторот за готова храна, како и во продавниците за брза храна“, а од друга страна, останатите угостителски објекти и продавниците бележат голем пад на прометот.
Дополнително посочува дека хотелите со пет ѕвезди и оние кои нудат all inclusive бележат зголемување, што според него значи дека постојат туристи кои можат да трошат пари, но претпочитаат да ги трошат во хотели, бидејќи Халкидики има проблеми со инфраструктурата, во некои области, има проблеми со снабдувањето со вода и електрична енергија, нема добар интернет и има „планини“ од ѓубре.
– Кога посетителот ќе ги види овие работи, нема повторно да дојде. Во хотелите, сите овие проблеми се решени. Во исто време, треба да се надгради обезбедувањето услуги од бизнисите и да се намалат цените што во одредени случаи се високи. Менталитетот и на бизнисмените и на државниот механизам треба да се промени. Во спротивно, ќе ја изгубиме играта и нема да се вратиме во добрите времиња, истакнува претседателот на Комората од Халкидики.