Ливерпул ја отвори новата сезона во Премиер лигата со спектакл на „Енфилд“ – четири гола во мрежата на Борнмут и првични три бода за тимот на Арне Слот. Победата од 4-2 изгледа убедливо, но на теренот беше вистинска драма.
„Црвените“ ја презедоа контролата уште од првиот свиреж и рано го притиснаа голот на српскиот голман Ѓорѓе Петровиќ. Пробивите конечно вродија со плод во 37. минута – Хуго Екитике, со малку среќа и многу упорност, се избори за топката и ја смести во мрежата за водство од 1-0. Со тој резултат се замина на одмор.
Само што започна вториот дел, Ливерпул повторно погоди. Асистент Екитике, стрелец Коди Гакпо – 2-0 и делуваше како работата да е завршена. Но Борнмут имаше сосема поинакви планови.
Во 64. минута Антонио Семењо најави пресврт со прецизен удар за 2-1, а дванаесет минути подоцна го замолкна „Енфилд“ – ја украде топката длабоко во својата половина, се залета низ целиот терен и го совлада Алисон за 2-2. Одеднаш, мечот повторно беше отворен.
Тогаш Арне Слот потегна со клучна замена – во 82. минута на теренот влезе Федерико Киеза. На Италијанецот му требаа само шест минути за да ја врати предноста на Ливерпул, а во самиот финиш Мохамед Салах го запечати триумфот со четвртиот гол.
Ливерпул 4, Борнмут 2 – старт по мерка за новиот стратег на „црвените“, но и предупредување дека во Премиер лигата ниту една победа не доаѓа лесно.
Ј. Ѓ.