Денеска се навршуваат точно шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”, во Скопје иницијативата „Кој е следен?“ повикува на тивок собир.
Маршот во Кочани ќе започне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Иницијативата „Кој е следен?“ упати повик до граѓаните да присуствуваат на тивок собир на плоштадот Македонија во Скопје, кој ќе се одржи на 16 септември 2025 година, со почеток во 20:16 часот, за заедничко сеќавање за сите изгубени животи во трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Во соопштението, членовите на иницијативата наведуваат:
„Не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел.“
„Не смееме да се откажеме од борбата за вистината. Кога ќе се соочиме со неправда, да проговориме. Сите треба да истапиме и да бидеме одговорни, на свој начин.“
Младите од „Студентско пленумско движење“ ќе учествуваат на собирот под ѕвездено небо, како дел од тивкото оддавање почит.
„Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани!“, додаваат од иницијативата.
Собирот е отворен за сите кои сакаат да се придружат и да ја искажуваат својата поддршка и сеќавање за жртвите од трагедијата.