НАСА го претстави новиот, 24-ти клас на кандидати за астронаути, избрани по конкуренција на која аплицирале повеќе од 8.000 луѓе од целата територија на САД. Десетте избраници – пилоти, научници, инженери и лекари – ќе минат речиси две години интензивна обука пред да станат подготвени за мисии во ниска орбита околу Земјата, како и за идни мисии на Месечината и Марс.
„Чест ми е што ја поздравувам следната генерација американски истражувачи во нашата агенција. Овие десет мажи и жени се доказ дека во Америка нема граници за тоа што може да постигне еден решителен сонувар – дури и да стигне до вселената,“ изјави вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи, на свеченоста во Центарот „Џонсон“ во Хјустон.
Новиот клас на астронаути веќе започна со обуката во септември, која вклучува комплексни тренинзи за работа на Меѓународната вселенска станица, подготовка за Артемис мисиите кон Месечината, обука по роботика, преживување на копно и вода, геологија, медицина, физиологија, странски јазици, симулирани вселенски прошетки и летање со високо перформансни авиони.
По завршување на обуката, избраниците ќе се приклучат кон активниот астронаутски корпус на НАСА, кој моментално работи на научни мисии на МВС и се подготвува за преминот кон комерцијални вселенски станици и истражувањето на Месечината и Марс.
Во класата „Астронаути 2025“ се избрани:
Бен Бејли (38) – офицер од американската армија и тест-пилот со повеќе од 2.000 летачки часови.
Лорен Едгар (40) – геолог и долгогодишна соработничка на Марс програмата на НАСА.
Адам Фурман (35) – пилот на Ф-16 и Ф-35 со над 2.100 летачки часови.
Камерон Џонс (35) – тест-пилот на авион Ф-22 со 1.600 летачки часови.
Јури Кубо (40) – инженер со 12 години искуство во SpaceX.
Ребека Лолер (38) – поранешен пилот на американската морнарица и тест-пилот.
Ана Менон (39) – инженер и астронаутка со претходен лет во вселената преку SpaceX Polaris Dawn.
Имелда Милер (34) – лекар-анестезиолог со искуство во подводна медицина.
Ерин Оверкаш (34) – пилот на Ф/А-18 и поранешна спортистка од националниот рагби тим на САД.
Кетрин Спајс (43) – поранешен пилот на борбен хеликоптер и тест-пилот со 2.000 летачки часови.
Со ова, бројот на избрани кандидати за астронаути од 1959 година досега се искачи на 370.
„Оваа класа ја претставува најдоброто што Америка може да го понуди и ќе ја предводи новата Златна ера на иновации и истражувања,“ изјави директорката на Центарот „Џонсон“, Ванеса Вајче.
Редакција Фронтлајн