НАСА најави дека веќе во февруари 2026 година би можела да испрати четворица астронаути на десетдневно патување околу Месечината – прва ваква мисија по повеќе од половина век.
Мисијата „Артемис II“ е вториот лет во рамките на програмата „Артемис“, чија крајна цел е враќање на човекот на Месечината и воспоставување трајно присуство на нејзината површина. Оваа фаза ќе биде тест за ракетниот систем SLS (Space Launch System) и вселенската капсула „Орион“, кои треба да обезбедат безбедно патување за екипажот.
„Сите заедно имаме место во првиот ред за историјата,“ изјави Лакиша Хокинс, вршител на должноста заменик-администратор на НАСА. Таа нагласи дека „прозорецот за лансирање може да се отвори уште на 5 февруари, но безбедноста е апсолутен приоритет“.
Во екипажот се астронаутите на НАСА Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и Џереми Хансен од Канадската вселенска агенција. Тие нема да слетаат на Месечината, но ќе станат првата група што ќе отпатува подалеку од ниската орбита на Земјата по „Аполо 17“ во 1972 година. Според главниот директор за летот на „Артемис II“, Џеф Радиген, летот ќе ги однесе „најмалку 5.000 наутички милји (околу 9.200 км) зад Месечината“.
Патувањето ќе вклучи низа тестови: од „балеет во вселената“ со контролирани маневри на „Орион“ околу погонскиот модул, до експерименти за влијанието на микрогравитацијата и радијацијата врз човечкото тело. Научниците ќе споредуваат органоиди – минијатурни ткивни структури создадени од крвта на астронаутите – пред и по летот. „Секако дека нема да дисектирам астронаут,“ пошегува се д-р Ники Фокс од НАСА, „но можам да ги анализирам овие мали органоиди и да видам разлики“.
По обиколката околу Месечината, екипажот ќе започне четиридневно враќање кон Земјата, со слетување во Тихиот океан крај брегот на Калифорнија.
Успехот на „Артемис II“ ќе биде клучен за следната етапа – „Артемис III“, која треба да донесе астронаути на површината на Месечината. Сепак, експертите предупредуваат дека иако НАСА официјално го наведува рокот „не порано од средината на 2027 година“, реализацијата зависи и од напредокот на „Старшип“ на SpaceX, за кој многумина сметаат дека е далеку од готов за ваква мисија.
Редакција Фронтлајн
Прочитајте и…
Тајните на Месечината: Зошто не сме ја посетиле со децении по Аполо мисиите?