Од Кенеди вселенскиот центар на Флорида, во средата наутро успешно беше лансирана новата мисија IMAP (Interstellar Mapping and Acceleration Probe), со цел подобро истражување на мистериозниот космички штит околу нашиот Сончев систем – хелиосферата.
Хелиосферата, создадена од постојаниот соларен ветер – поток од наелектризирани честички кои потекнуваат од Сонцето – делува како огромен меур што ја штити Земјата и останатите планети од опасната космичка радијација што доаѓа од Млечниот Пат.

„IMAP ќе направи неверојатно детални слики кои ќе ни откријат како функционира заштитниот слој и како изгледа,“ изјави д-р Дејвид МекКомас, главен истражувач на мисијата и астрофизичар од Принстон универзитетот.
Според НАСА, новиот телескоп ќе може да мапира граници на хелиосферата со резолуција 30 пати повисока од досегашната, дополнувајќи ги податоците собрани од мисиите Voyager и IBEX. Откако ќе стигне во својата орбита, на околу 1,6 милиони километри од Земјата, IMAP ќе следи честички од Сонцето во реално време и ќе ја проучува меѓата помеѓу соларниот ветер и меѓуѕвездениот простор.
„Оваа следна група мисии е врвното космичко заедничко патување. Тие ќе донесат невидени сознанија за вселенското време,“ рече д-р Џо Вејстлејк, директор на Хелиофизичката дивизија на НАСА.
Заедно со IMAP, во орбитата заминаа уште две мисии – Carruthers Geocorona Observatory, која ќе ја проучува најоддалечената обвивка на Земјината атмосфера, и SWFO-L1 (Space Weather Follow On-Lagrange 1), која ќе дејствува како радар за соларни бури.
„Клучните податоци од SWFO-L1 се нашата животна линија за да останат светлата вклучени, авионите да летаат и сателитите безбедни – гаранција дека Америка е подготвена за тоа што Сонцето ќе ни испрати,“ нагласи Клинтон Волас, директор на NOAA’s Space Weather Prediction Center.
Со новите мисии, научниците очекуваат значително да се подобри предвидувањето на соларните бури, кои можат да предизвикаат сериозни проблеми во навигацијата, комуникациите и електричните мрежи на Земјата.
Редакција Фронтлајн