Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска од Сарај најави повеќе инфраструктурни проекти за оваа општина, меѓу кои и изградба на монтажен паркинг кај туристичкиот локалитет Матка, реконструкција на главната улица, ново улично осветлување и канализациона мрежа во Долна Матка.
„Оваа општина нема повеќе да биде заборавена. Ќе ги вложиме сите сили за нејзино целосно заживување и развој,“ изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека со монтажниот паркинг ќе се обезбеди уредено паркирање за домашни и странски посетители и ќе се намали притисокот врз природната средина.
Во програмата, како што додаде, е предвидена и целосна реконструкција на главната улица во Сарај со нови тротоари, сигнализација и осветлување, како и изградба на канализациона мрежа во Долна Матка. Според него, посебен акцент ќе се стави на осветлувањето на Горна Матка, кое ќе ја зголеми безбедноста и пристапноста.
Ѓорѓиевски оствари средба и со риболовните друштва од Скопје, нарекувајќи ги „вистински чувари на реките“ и најави приоритетно темелно чистење на речното корито.
„Заедно со народот и со силна визија, Сарај ќе прерасне во гордост на Скопје, а Матка ќе стане пример за одржлив туризам и вистинско место за уживање и живот,“ порача кандидатот за градоначалник.