„Тука сме затоа што нешто длабоко во нас нѐ тера да не молчиме“, со овие зборови се обрати вечерва Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче во полната сала во Битола. Тој ги поздрави граѓаните велејќи им дека ја разбира причината за нивната бројност, а тоа е подготвеноста да го бранат она кое СДСМ го градеше со генерации.
„Тука сме затоа што нешто длабоко во нас нѐ тера да не молчиме. Нѐ тера да зборуваме кога ќе видиме неправда. Нѐ тера да се исправиме кога ќе почувствуваме дека некој го руши она што со генерации сме го граделе. А денес, токму тоа се случува. Оваа власт не ги решава проблемите на луѓето туку ги игнорира. Оваа власт гази по солидарноста, човечноста, демократијата, напредокот и правичноста. И тоа нѐ боли. Нѐ боли затоа што гледаме дека ова не е Македонија што ја заслужуваме. Ниту Битола каква што ја замислуваме“, рече претседателот на СДСМ.
Притоа Филипче рече дека Битола е оставена на маргините. Како град кој е препознатлив по културата, по историјата, по урбаниот дух денеска се гуши во застој и запустеност поради неспособноста на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.