По речиси пет децении патување низ космосот, легендарните вселенски сонди „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ на НАСА испратија податоци што го воодушевија научниот свет: на самиот раб од Сончевиот систем постои „ѕид од оган“, зона каде што сончевиот ветер се судира со меѓуѕвездената материја, создавајќи енергетска бариера со температури од 30.000 до 50.000 келвини.
Во новата анализа, НАСА ја опишува оваа граница како „огнена завеса“ што се протега на илјадници километри, таму каде што влијанието на Сонцето завршува, а започнува вистинскиот меѓуѕвезден простор.
„Сонцето постојано испраќа поток на наелектризирани честички – сончев ветер – кој патува далеку зад сите планети, пред да биде забавен од меѓуѕвездената материја,“ објаснуваат од НАСА. „Овој процес создава огромен меур околу Сонцето и планетите, наречен хелиосфера.“
Кога „Војаџерите“ ја преминале таа невидлива бариера, тие го дефинирале поимот хелиопауза – точката на рамнотежа меѓу сончевиот и меѓуѕвездениот ветер. Тука, притисокот од двете струи се изедначува, создавајќи „ударен бран“ сличен на оној што се формира кога брод минува низ вода.
Интересно, двете сонди ја пресекле хелиопаузата на различни растојанија од Сонцето – откритие што покажува дека границата на Сончевиот систем не е фиксна. Таа се шири и се стеснува во зависност од активноста на Сонцето, слично на белите дробови што се шират и собираат при дишење.
„Очекувавме дека работ на хелиосферата може да се движи со промената на сончевата активност,“ вели НАСА. „Тоа беше потврдено со различните точки на премин кај двете сонди.“
Ова „вдишување и издишување“ на Сонцето им овозможува на астрофизичарите подобро да ја разберат динамиката на магнетните полиња и честичките што го обликуваат меѓуѕвезденото опкружување – како нашата ѕвезда комуницира со остатокот од галаксијата.
Лансирани во 1977 година, „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ требаше да траат само неколку години и да ги истражат надворешните планети. Но речиси 50 години подоцна, двете сонди сè уште испраќаат сигнали од милијарди километри далеку – надвор од влијанието на Сонцето и планетите.
Откритието на „ѕидот од оган“ не претставува опасност, туку симболичен премин – линијата меѓу познатото и космичката дивина.
„Овие мисии нè потсетуваат колку е тенка границата меѓу човечкото и бесконечното,“ велат од НАСА. „Војаџерите продолжуваат да ја раскажуваат приказната за нашето место во вселената.“
Прочитајте и…
Сончевиот систем е во движење: Што има надвор од неговите граници?





