Леонардо ди Каприо одлучи еднаш засекогаш да расчисти со годините шпекулации дека „најмногу жали“ поради тоа што ја пропуштил главната улога во „Boogie Nights“. Во ново интервју за Deadline, 51-годишниот актер објасни дека неговите зборови биле погрешно толкувани – и дека не се кае што го избрал „Титаник“, филмот што му ја дефинираше кариерата и го претвори во светски феномен.
„Не се работеше за улогата – туку за Пол Томас Андерсон“
Ди Каприо потсети дека во интервјуто за Esquire во август зборувал од перспектива на долгогодишен обожавател на Пол Томас Андерсон, а не од позиција на актер кој жали за своите избори. „Прашувањето беше ’За што најмногу жалиш?’, но контекстот беше разговор за филмови со режисер што го почитувам“, објаснува тој, пренесува Index.hr.
Улогата на Дирк Диглер — која подоцна го лансираше Марк Волберг во една нова фаза од неговата кариера — му била понудена на Ди Каприо, но тој веќе имал договор со Џејмс Камерон за „Титаник“. „Сега, кога гледам наназад, мислам дека никој не можел да ја одигра таа улога подобро од Волберг“, додава актерот.
„Boogie Nights“ како момент што промени генерација
Ди Каприо признава дека филмот го воодушевил уште кога првпат го гледал: „Тоа беше како доаѓање на нов филмски глас. Филм што мојата генерација веднаш го препозна“. Но нагласува дека неговиот коментар бил повеќе носталгичен отколку критички – од почит кон Андерсон, а не од каење.
„Титаник беше најголемиот подарок во мојот живот“
И покрај тоа што и сам би сакал да можел да ги сними и двата филма, Лео денес е јасен: нема ниту грам каење.
„Кога гледам ретроспективно, благодарен сум што бев дел од ’Титаник’. Тоа беше неверојатна можност. Тој филм ми овозможи од тогаш наваму сам да го берам патот на мојата кариера“, вели актерот, истакнувајќи дека токму изборот на „Титаник“ му донел уметничка слобода до која тешко би дошол поинаку.
Судбината сепак го спои со Пол Томас Андерсон
На крајот, она што не се случи во 90-тите се случи децении подоцна: Ди Каприо конечно соработува со Андерсон. „По толку години, повторно да се сретнеме и да работиме заедно е неверојатно. Како филмски круг што конечно се затвора“, заклучува тој.







