СДСМ денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Резолуцијата усвоена во Собранието по предлог на ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ, оценувајќи дека таа директно ги загрозува слободата на говор и уставниот поредок.
На прес-конференција, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, изјави дека со иницијативата се бара заштита на членот 16 од Уставот, кој ги гарантира слободата на говор, слободата на јавниот настап, слободата на уверувањето и јавното изразување, како и забраната на цензура во која било форма.
„Неуставната Резолуција е директен напад на слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата во целост, преку цензура“, изјави Димитријевиќ.
Според него, станува збор за тема од исклучителен јавен интерес, поврзана со договор со Велика Британија и заем во износ од 6 милијарди евра, за која, како што рече, јавноста дознала преку британски медиуми.
„Оваа тема никако не може да се третира како создавање паника или како закана за јавната стабилност“, нагласи генералниот секретар на СДСМ.
Тој оцени дека е недозволиво со резолуција во Собранието да се реагира против „наративот на опозицијата“ и да се упатуваат закани со повикување на кривичниот законик, прекршоци или кривични пријави поради јавно изнесен став.
„Не може резолуција да се користи за закани поради искажан збор. Уставниот суд има обврска да ја заштити слободата на говор и уставниот поредок“, рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека доколку се загрозува Уставот, се загрозува и демократијата, а забраната на јавна дебата и воведувањето цензура, според него, водат кон укинување на демократскиот поредок.
„Уставниот суд мора да ја укине оваа неуставна Резолуција“, порача Димитријевиќ.
Од СДСМ најавија дека ќе продолжат со активности за заштита на демократијата и слободата на говор.







