ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home СВЕТ

Од загриженост до поддршка: Првични реакции на европските и светските лидери на апсењето на Мадуро и улогата на САД во Венецуела

January 4, 2026 11:04
in ZOOM IN, ДЕНЕС, СВЕТ
Илустрација Фронтлајн, генерирано со ВИ

Илустрација Фронтлајн, генерирано со ВИ

Share on FacebookShare on Twitter

Воената интервенција на САД во Венецуела и заробувањето на претседателот Николас Мадуро предизвикаа бран првични реакции од светските лидери, додека меѓународната заедница внимателно ги следи последиците од потегот без преседан. Додека Вашингтон ја оправдува операцијата со безбедносни и правни аргументи, европските престолнини, но и клучни глобални актери, повикуваат на воздржаност, деескалација и почитување на меѓународното право.

Од Берлин, Рим и Брисел стигнаа пораки на загриженост и дипломатска претпазливост, со акцент на безбедноста на европските граѓани во Венецуела и потребата од мирно и демократско решение на кризата. Дел од земјите, како Шпанија, се понудија и како посредници меѓу САД и Венецуела, додека други јасно истакнаа дека не биле вклучени во воената акција.

Во исто време, реакциите се длабоко поделени и надвор од Европа. Додека опозициската лидерка Марија Корина Мачадо ја поздрави интервенцијата и зборува за почеток на транзиција на власта, Русија и Иран остро ја осудија акцијата и побараа ослободување на Мадуро, предупредувајќи на кршење на суверенитетот и меѓународното право.

Првични реакции од Берлин, Рим и Брисел

Германското Министерство за надворешни работи, соопшти дека со голема загриженост ја следи ситуацијата во Венецуела. Берлин е во близок контакт со германската амбасада во Каракас.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, исто така, објави дека Рим го следи развојот на ситуацијата во Венецуела, фокусирајќи се особено на италијанската заедница во таа земја, објавија аганцијата АНСА.

Според податоците од Италијанската амбасада во Каракас, во Венецуела има околу 160.000 Италијанци, од кои повеќето имаат двојно државјанство.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони внимателно ги следи случувањата во Венецуела, рече Тајани.

Белгискиот вицепремиер и министер за надворешни работи Максим Превост изјави Белгија се координираше со европските партнери за ситуацијата во Венецуела, која внимателно ја следеше.

Стармер: Велика Британија „не е вклучена на никаков начин“ во нападот врз Венецуела

Велика Британија не е „вклучена на никаков начин“ во американскиот напад врз Венецуела, изјави британскиот премиер Кир Стармер.

Стармер изјави дека сака да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп и да ги „утврди фактите“ по ноќната операција во која одекнаа повеќе експлозии, а нисколетачки авиони го прелетаа Каракас.

Одговарајќи на новинарско прашање дали разговарал со Трамп, Стармер рече: „Не, не сум, и очигледно станува збор за ситуација која брзо се менува, па затоа мораме да ги утврдиме сите факти“.

– Она што можам да го кажам е дека Велика Британија не беше вклучена на никаков начин во оваа операција и, како што би очекувале, ние сме фокусирани на британските државјани во Венецуела и тесно соработуваме со нашата амбасада, рече тој.

– Сакам да разговарам со претседателот. Ќе сакам да разговарам и со сојузниците, но во моментов мислам дека треба да ги утврдиме фактите. Мислам дека претседателот Трамп подоцна ќе има прес-конференција, па се надевам дека тогаш ќе излезат повеќе информации, изјави Стармер.

На прашањето дали ја осудува акцијата, Стармер одговори: „Прво сакам да ги утврдам фактите. Сакам да разговарам со претседателот Трамп, сакам да разговарам со сојузниците“.

Тој додаде: „Секогаш велам и верувам дека сите треба да го почитуваме меѓународното право, но мислам дека во оваа фаза, при ваква брза ситуација, прво да ги утврдиме фактите, па ќе продолжиме оттаму“, пренесе ДПА.

Кошта и Фон дер Лајен повикаа на мирно и демократско решение во Венецуела

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен повикаа на деескалација на состојбата и на мирно и демократско решение во Венецуела.

– Ја следам ситуацијата во Венецуела со голема загриженост. Европската Унија повикува на деескалација и решение со целосно почитување на меѓународното право и принципите загарантирани во Повелбата на Обединетите нации. Европската Унија ќе продолжи да поддржува мирно, демократско и инклузивно решение во Венецуела, наведе Кошта во објава на Икс.

Тој натаму додаде дека Европскиот совет ги поддржува напорите на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, во координација со земјите-членки, за гарантирање на безбедноста на европските граѓани во Венецуела.

Фон дер Лајен, исто така во објава на Икс, потенцира дека ЕУ внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела.

– Ние стоиме зад народот на Венецуела и поддржуваме мирна и демократска транзиција. Секое решение мора да го почитува меѓународното право и Повелбата на ОН, додаде Фон дер Лајен.

Таа нагласи и дека заедно со Калас и во координација со земјите членки, ЕУ се грижи европските граѓани во Венецуела да можат да сметаат на целосна поддршка од нејзина страна.

Претходно, Калас во објава на Икс истакна дека безбедноста на европските граѓани во Венецуела е врвен приоритет на ЕУ.

Калас, исто така, повика на воздржаност во Венецуела и почитување на принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН, нагласувајќи дека ЕУ постојано повторува дека Николас Мадуро нема легитимитет како претседател на Венецуела и дека се залага за мирна транзиција на власта во земјата.

Калас информира и дека за случувањата во Венецуела разговарала со американскиот државен секретар Марко Рубио и со амбасадорот на Европската Унија во Каракас.

Шпанија се нуди како посредник меѓу САД и Венецуела

Шпанската влада понуди да биде да биде посредник во кризата меѓу Венецуела и САД по американските воздушни напади и објавата на претседателот Доналд Трамп дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро е заробен и изнесен од земјата.

– Шпанија повикува на деескалација и воздржаност“, се вели во соопштението на шпанското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека „во овој контекст, е подготвена да ги понуди своите услуги за постигнување мирно и преговарачко решение за сегашната криза“, пренесува БТА.

Во исто време, министерството потсетува дека Шпанија „не ги призна резултатите од претседателските избори во Венецуела одржани на 28 јули 2024 година. Во тоа време, според венецуелските власти, изборите ги доби Николас Мадуро, но овој резултат е оспорен од опозицијата, која смета дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалез Урутија победил. Потоа тој отиде во егзил во Шпанија.

Мелони: Надворешна воена акција не е вистинскиот пат – но е легитимна

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази избалансиран став во врска со американските напади врз Венецуела и апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, пренесе ДПА.

– Надворешна воена акција не е вистинскиот начин да се стави крај на тоталитарните режими, се вели во денешното соопштение од официјалната резиденција на Мелони.

Истовремено, Мелони нагласи дека нејзината влада смета дека „дефанзивната интервенција“ против хибридните напади врз сопствената безбедност е легитимна – на пример, кога државни актери поттикнуваат или олеснуваат трговија со дрога во друга земја. Трамп повеќепати го обвинуваше Мадуро за водење „нарко-држава“ и преплавување на САД со дрога.

Мелони истакна дека Италија секогаш го поддржувала стремежот на венецуелскиот народ за демократска транзиција во оваа латиноамериканска земја.

Нејзината влада, исто така, постојано ги осудуваше репресивните дејствија на Мадуро и, заедно со клучните меѓународни партнери, жестоко го отфрли признавањето на реизборот на Мадуро по контроверзните претседателски избори во 2024 година.

Мачадо ја поздрави интервенцијата на САД во Венецуела

Опозициската лидерка на Венецуела и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо ја поздрави интервенцијата на САД, велејќи дека „часот на слободата“ на земјата пристигна.

Таа на социјалните мрежи изјави дека претседателот Мадуро е отстранет од власт откако одбил договорен излез, а кандидатот на опозицијата за изборите во 2024 година – Едмундо Гонзалез – сега треба да ја „преземе“ претседателската функција.

Таа додаде дека опозицијата ќе го врати редот во земјата и ќе ги ослободи политичките затвореници.

Таква транзиција е секако она што САД го сакаат, но, можеби не е толку едноставно како што тврди опозицијата, коментира Би-Би-Си. Мадуро сè уште има сојузници во земјата, од кои многумина можеби нема да сакаат да заминат без борба ако самите се плашат од последици.

Дури и некои жестоки критичари на Мадуро се плашат дека интервенцијата на САД би можела да доведе до понатамошна дестабилизација и не го поддржаа блискиот сојуз на Мачадо со администрацијата на Трамп.

Но, некои критичари го гледаат ова како последно средство за да се ослободат од она што го сметаат за авторитарен и угнетувачки режим, коментира британскиот медиум.

Украина го поддржа нападот врз Венецуела

украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Украина доследно го брани правото на народите на слободен живот, без диктатура, угнетување и кршење на човековите права.

– Режимот на Мадуро ги прекрши сите овие принципи во секој поглед, истакна тој.

– Се залагаме за понатамошен развој во согласност со принципите на меѓународното право, давајќи им приоритет на демократијата, човековите права и интересите на Венецуелците, додаде Сибиха.

Русија ги повикува САД да го ослободат Мадуро

Русија ги повика САД да го ослободат венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга, соопшти руското Министерство за надворешни работи, додека Украина го поддржа американскиот напад врз Венецуела.

– Во услови на потврдените извештаи дека претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга се наоѓаат во САД, силно ги повикуваме американските власти да ја разгледаат ситуацијата и да го ослободат легално избраниот претседател на една суверена држава и неговата сопруга, се вели во соопштението.

Кина смета дека САД треба веднаш да го ослободат Мадуро

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека САД треба веднаш да го ослободат претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга Силија Флорес, и да ја решат ситуацијата во Венецуела преку дијалог и преговори.

Во соопштението објавено на својата веб-страница, министерството наведе дека САД треба да ја осигурат и личната безбедност на Мадуро и Силија Флорес, тврдејќи дека нивното протерување од земјата го крши меѓународното право.

Иран ги осуди американските воени напади врз Венецуела

Иран остро ги осуди американските напади врз Венецуела, оценувајќи ги како „чин на агресија што мора да биде осуден веднаш и недвосмислено“, јави ДПА.

– Воената интервенција на Соединетите Американски Држави против независна држава и членка на Обединетите нации претставува јасно кршење на принципите на Повелбата на ОН, како и на основните правила на меѓународното право, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи на Иран, што го пренесе државната новинска агенција ИРНА.

Венецуела се смета за еден од најблиските меѓународни сојузници на Иран.

Двете држави водат надворешна политика која ги гледа САД како противник, а исто така одржуваат интензивна економска и воена соработка.

ВИДЕО снимка од Мадуро во лисици во Њујорк, ќе му се суди за обвиненијата за трговија на дрога

Мадуро во притвор во Њујорк

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро се наоѓа во притвор во Њујорк, откако беше заробен за време на американска воена операција во Венецуела во саботата, јавува BBC. Мадуро и неговата сопруга, првата дама Силија Флорес, биле однесени од главниот град Каракас и префрлени во Metropolitan Detention Center во Бруклин, каде треба да се соочат со обвиненија поврзани со трговија на дрога.

Во видео што го објави CNN, Мадуро во лисици придружуван од агенти на DEA, во Регионалната дивизија на DEA со надлежност за државата Њујорк.

Мадуро и претходно ги негираше обвинувањата дека е лидер на нарко-картел, тврдејќи дека станува збор за политички мотивиран прогон. Сепак, американските власти со години го поврзуваат венецуелскиот претседател со наводни криминални мрежи.

По операцијата, Венецуела прогласи вонредна состојба и остро ја осуди акцијата, нарекувајќи ја „воена агресија“ и директно нарушување на државниот суверенитет. Владата во Каракас најави дека ќе преземе дипломатски и политички чекори како одговор на американската интервенција.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе ја „водат“ Венецуела „додека не се создадат услови за безбеден, соодветен и внимателен транзициски процес“. Тој додаде дека американски нафтени компании би можеле да помогнат во обновата на, како што ја нарече, „скршената инфраструктура“ на земјата и истовремено „да почнат да создаваат приходи за Венецуела“.

Редакција Фронтлајн

Tags: Венецуелаевропски лидериМадуроМачадоРусијаСАДТрамп
Next Post

Две вработени во обложувалница во Струга лажно пријавиле разбојништво

Shortcut

Најново

Филипче: Недостигаат 10 милијарди денари, исплатата на пензиите е доведена во ризик

July 3, 2026

Мицкоски: Нема да одам за претседател на државата, ќе предводам уште една голема победа над СДСМ на наредните избори

July 3, 2026

Канцони, вино и зајдисонце: Незаборавна летна вечер со Павле Камилоски и винаријата „Душа“ во „Инекс Олгица“

July 2, 2026

Дуња Иванова, постави нов репер во македонскиот велосипедизам: 33. место на најновата светска ранг-листа

June 30, 2026

Европа ги брои милијардите за Црна Гора, а ние изгубените години

June 30, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Европа ги брои милијардите за Црна Гора, а ние изгубените години

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски бара внимание

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Претседателска катарза

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • СДСМ: Мицкоски веќе создава „ЗНАМ 2.0“ додека актуелната партија прави политички театар со каравани

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • КАКО ДА СЕ ПРЕЖИВЕЕ ПЕКОЛОТ: Практичен водич за заштита од екстремните топлотни бранови

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk