Соборениот венецуелански претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се префрлени во Њујорк по обемната американска воена операција во Венецуела.
Мадуро е сместен во притворски центар во Бруклин, каде што го очекува судски процес по обвиненија за трговија со дрога и оружје. Во меѓувреме, Врховниот суд на Венецуела ја именуваше потпретседателката Делси Родригес за вршителка на должноста претседателка.
Американскиот претседател Доналд Трамп јавно ѝ се обрати на Родригес, повикувајќи ја да не им пркоси на Соединетите Американски Држави. „Ако не го направи она што е исправно, ќе плати многу висока цена, веројатно и поголема од онаа што ја плати Мадуро“, изјави Трамп.
Состојбата на терен: привидно смирување, но висока неизвесност
Според извештај на BBC, состојбата во Каракас е привремено помирна по американската интервенција, но неизвесноста останува. Жителите сведочат за силно присуство на војската и полицијата на улиците, додека дел од граѓаните излегуваат да набават основни намирници.
„Беше застрашувачки и мачно, особено ноќта кога се изведоа воздушните напади. Најтешко беше чувството дека не знаеш што ќе се случи следно“, изјави 24-годишна жителка на Каракас за BBC, додавајќи дека граѓаните се збунети од спротивставените пораки што доаѓаат од Каракас и Вашингтон.
„Владата на Мадуро сè уште функционира“
И покрај апсењето на Мадуро, американската операција засега не довела до целосна промена на власта, јавува Sky News. Според нивните извори, владините структури и безбедносниот апарат во Венецуела и натаму функционираат и ја задржуваат реалната контрола врз институциите.
Венецуеланскиот министер за внатрешни работи, Диосдадо Кабељо, изјави дека привремената влада и натаму стои зад Мадуро, и покрај тоа што тој се наоѓа во американски притвор.
Регионални реакции и безбедносни мерки
Шест земји – Бразил, Чиле, Колумбија, Мексико, Уругвај и Шпанија – ја осудија американската интервенција, оценувајќи ја како „опасен преседан“ што може дополнително да го дестабилизира регионот и да го загрози цивилното население. Тие повикаа кризата да се решава исклучиво преку дијалог и дипломатски канали, со почитување на меѓународното право и Повелбата на ОН.
Колумбија, пак, го зголеми бројот на војници на границата со Венецуела, поради страв од дестабилизација, активирање на вооружени групи и нов бран мигранти и бегалци.
ЕУ повика на воздржаност
Европската Унија повика на смирување на тензиите и воздржаност од сите актери, во заедничка изјава за Венецуела, поддржана од 26 од 27 земји членки. Единствена земја што не ја потпиша изјавата е Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан важи за близок сојузник на Доналд Трамп, пренесува Euronews.
ЕУ објави изјава за Венецуела потпишана од 26 од 27 земји-членки
„Европската Унија ги повикува сите актери на смиреност и воздржаност со цел да се избегне ескалација и да се обезбеди мирно решавање на кризата“, се наведува во изјавата. ЕУ потсетува дека во сите околности мора да се почитуваат принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, при што посебна одговорност имаат и постојаните членки на Советот за безбедност на ОН.
Во документот повторно се нагласува ставот на ЕУ дека Николас Мадуро нема легитимитет на демократски избран претседател и дека Унијата подолго време се залага за мирна и демократска транзиција во Венецуела, под водство на самите Венецуелци и со целосно почитување на суверенитетот на државата.
Редакција Фронтлајн







