Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес изјави за Euronews дека Европа мора да ја преземе целосната одговорност за сопствената безбедност и порача дека континентот мора да се движи кон создавање европска армија“ во услови на растечка геополитичка неизвесност и притисоци врз трансатлантските односи.
Во интервју дадено на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Албарес нагласи дека Европската унија мора да застане цврсто зад своите вредности, во време кога некои држави отворено се закануваат со употреба на сила како инструмент на надворешна политика.
Повик за создавање европска армија
Албарес повика Европа да преземе целосна контрола врз сопствената безбедност и порача дека континентот мора да се движи „кон создавање европска армија“.
„Ако сакаме да продолжиме да бидеме мирен континент, мораме одвраќањето да го имаме во свои раце. Прво, потребна ни е коалиција на подготвените за европска безбедност, потоа интеграција на нашите одбранбени индустрии и, на крајот, европска армија“, изјави шпанскиот министер.
Тој призна дека претходните обиди за заедничка европска одбрана биле неуспешни, но оцени дека денешниот геополитички контекст е суштински поинаков.
Економска безбедност и зајакнување на европскиот пазар
Покрај безбедноста, Албарес нагласи дека Европа мора да го доврши единствениот пазар, да ги зајакне механизмите против трговска и економска принуда и да обезбеди европските компании да можат рамноправно да се натпреваруваат на глобално ниво.
ЕУ и американската „Одбор за мир“
Албарес се осврна и на американската иницијатива „Board for Peace“, промовирана од претседателот Доналд Трамп како нов инструмент за решавање конфликти. Иницијативата првично била насочена кон постигнување мир во Газа, но нејзиниот мандат во меѓувреме е проширен.
Шпанија, според Албарес, сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе се приклучи. „Претседателот ќе ја донесе конечната одлука“, рече тој, додавајќи дека Мадрид тесно соработува со партнерите од Европската унија за усогласен став.
За Шпанија, учеството би било можно само доколку иницијативата строго го почитува меѓународното право и авторитетот на Обединетите Нации.
„За нас е важно ова тело да ја почитува работата на ОН, резолуцијата на Советот за безбедност од која произлегува и меѓународното право“, истакна Албарес.
Неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои Франција и Италија, веќе изразија резерви или одбија да се приклучат на ова тело. Загриженоста, според Албарес, не се однесува само на Газа, туку и на можните правни и политички последици доколку иницијативата излезе надвор од мандатот на ОН.
Притисокот врз Данска и Гренланд мора да престане
Албарес остро реагираше и на американскиот притисок врз Данска во врска со Гренланд тема што повторно се актуализираше поради интересот на Трамп за стратешката арктичка територија.
„Притисокот врз Данска и врз Гренланд мора да престане“, порача шпанскиот министер.
„Шпанија од самиот почеток е јасна: иднината на Гренланд им припаѓа на народот на Гренланд и на данскиот народ.“
Венецуела и Газа
Во врска со Венецуела и обидите на Вашингтон да изврши притисок за смена на претседателот Николас Мадуро, Албарес повтори дека Шпанија поддржува внатрешно, договорно решение.
„Она што го сакаме за Венецуела е широк дијалог меѓу власта и опозицијата, кој ќе донесе мирно и демократско решение од внатрешноста на венецуелското општество“, рече тој.
Запрашан дали загриженост претставува фокусот на САД на венецуелските нафтени ресурси, Албарес беше дециден:
„Нафтата и природните ресурси на Венецуела им припаѓаат на венецуелскиот народ. Тоа е дел од нивниот суверенитет.“
Во однос на Газа, шпанскиот министер ја повтори поддршката на Шпанија за решението со две држави.
„Ако сакаме мир, стабилност и безбедност за сите на Блискиот Исток – вклучително и за Израелците – мора да се спроведе решението со две држави“, изјави Албарес. „Крајно време е. Премногу невина крв е пролеана со децении.“







