Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) со остро соопштение реагира на последните кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека станува збор за, како што наведуваат, „реформи без нови лица и со враќање на старата банда“.
„Христијан Мицкоски ги отстрани сите потпретседатели во ВМРО, по примерот на Вучиќ, за апсолутно да владее со партијата, како што сака да владее и со Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ.
Според партијата, на раководни позиции се поставени луѓе од најтесниот круг на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги постави своите најблиски другари“, наведуваат од СДСМ, посочувајќи дека Томовски е назначен за организациски секретар „со цел да ги ‘организира’, односно контролира тендерите“.
Во соопштението се наведува дека ова е поврзано со, како што тврдат, „161 тендер за семејната фирма на Томовски“.
СДСМ реагира и на изборот на Драган Ковачки, за кого велат дека е „човек на Сашо Мијалков од службите“.
„Човекот кого НАТО го одби, кој не исполнува услови за безбедносен сертификат, сега е првиот човек за Мицкоски во партијата“, стои во реакцијата.
Партијата оценува дека ВМРО-ДПМНЕ „се враќа во времето кога службите беа главни во партијата додека се спроведуваше грабеж“.
Во соопштението се споменува и улогата на вицепремиерот Стоилковиќ, за кого СДСМ тврди дека е „човек со години во служба на БИА и во интерес на руските служби“, додавајќи дека „слави со Ноќните волци и странски анти-ЕУ пропагандисти“.
„Сега кругот е целосно затворен“, наведуваат од СДСМ, обвинувајќи дека медиумите се под контрола „преку Орбан, со преземање на телекомуникациите и енергетиката“, а дека се преземени и МВР, Обвинителството и судовите.
СДСМ реагира и на најавите за реконструкција на Владата.
„Мицкоски најавува реконструкција во мај–јуни за да постави уште луѓе од својот најтесен круг“, се вели во соопштението.
На крајот, партијата предупредува дека, според нив, може да започне „забрзување на процесот на целосна изолација од Европската Унија“.
„Тоа се ‘реформите’ во ВМРО – наместо нови лица, стара банда“, порачуваат од СДСМ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски синоќа по завршувањето на Централниот комитет на партијата ги соопшти членовите на Извршниот комитет, и информира дека за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е избран Драган Ковачки.
– Овие одлуки се јасен показател дека партијата се менува, и се прилагодува на новите предизвици, нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните, нагласи Мицкоски, по што го соопшти новиот состав на ИК.







