Специјалните единици на американската морнарица се качија на нафтениот танкер Veronica III во Индискиот океан, откако го следеле од Карипското Море поради сомневање дека помага на Венецуела да ги избегне американските санкции, објави BBC.
Ова е втора ваква операција на американските сили во Индискиот океан во последната недела и доаѓа во време на засилен притисок од администрацијата на претседателот Доналд Трамп врз извозот на венецуелска нафта.
We defend the Homeland forward. Distance does not protect you.
Overnight, U.S. forces conducted a right-of-visit, maritime interdiction and boarding of the Veronica III without incident in the INDOPACOM area of responsibility.
The vessel tried to defy President Trump’s… pic.twitter.com/Tran3cLR9g
— Department of War 🇺🇸 (@DeptofWar) February 15, 2026
Пентагон: „Ниту една нација нема таков дофат“
Во соопштението, Пентагон наведе дека операцијата претставува „остварување на правото на посета, поморско пресретнување и укрцување“, без да прецизира дали танкерот е запленет или му било дозволено да продолжи со пловидбата.
„Пловилото се обиде да ја избегне блокадата воведена од претседателот Трамп, надевајќи се дека ќе се извлече. Го следевме од Карибите до Индискиот океан, го стигнавме и го запревме. Ниту една друга нација нема таков дофат, издржливост или волја“, се наведува во соопштението на Пентагон.
Американските власти додадоа дека „меѓународните води не се засолниште“ и дека ќе продолжат да ги следат и пресретнуваат пловилата што ги прекршуваат санкциите.

Танкерот превезувал речиси два милиони барели нафта
Според податоците на организацијата TankerTrackers.com, танкерот пловел под панамско знаме и испловил од Венецуела на 3 јануари со околу 1,9 милиони барели сурова нафта.
Се верува дека од 2023 година бил вклучен во транспорт на руска, иранска и венецуелска нафта, што го ставило под санкции на американското Министерство за финансии.

Засилен притисок врз извозот на венецуелска нафта
САД во последната година заплениле најмалку седум нафтени танкери во рамки на напорите да го ограничат извозот на нафта од Венецуела.
Минатата недела, американските сили пресретнаа уште еден танкер, Aquila II, кој исто така бил следен до Индискиот океан.
Во декември минатата година, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наредува „блокада“ на санкционираните танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела, што венецуелската влада тоа го опиша како „кражба“.
Американската блокада значително го намали извозот на венецуелска нафта. Според аналитичарот Мет Смит од компанијата Kpler, испораките во јануари паднале за околу половина, на приближно 400.000 барели дневно.
Редакција Фронтлајн







