Случајот „Лотарија“ доби нов развој откако поранешниот прв вицепремиер Артан Груби беше лишен од слобода на граничниот премин Блаце и спроведен во притвор, по што судот донесе одлука за замена на мерката притвор со куќен притвор со 24-часовен надзор. Паралелно, Кривичниот суд Скопје одреди 30-дневен притвор за лица кои не се достапни за органите на прогон, а се опфатени со истрагата.
Одлуките на судот и предлогот на Обвинителството предизвикаа силни политички реакции, при што повеќе партии излегоа со меѓусебни обвинувања, тврдења за политичко влијание и различни толкувања за текот на постапката. Во продолжение следуваат официјалните информации од институциите и реакциите на политичките субјекти.
Триесет дена куќен притвор за Груби
Синоќа судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, кој што е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница“, информираа синоќа од Судот.
Кривичниот суд Скопје им одреди 30-дневен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои не се достапни за органите на прогон, а се поврзани со истрага во случајот „Лотарија“.
Од Кривичниот суд истакнаа дека „по добиеното известување од надлежното МВР, дека двете лица за кои Јавното обвинителството предложи мерка притвор од нивното пронаоѓање, односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија се недостапни за органите на прогон, донесе решенија да го прифати предлогот на ЈО и им одредени мерка притвор од 30 дена, поради постоење на основите од член 165 ст. 1. т. 1 и 2“.

Претходно како што соопштија од Обвинителството, „на барање на второосомничениот преку неговата одбрана истиот беше спроведен пред надлежниот обвинител каде вршеше увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што на второосомничениот ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана, велат од Обвинителство.
Од таму објаснуваат дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
– По однос на мерките за обезбедување присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го предвид фактот дека во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство, рекоа од Обвинителство.
Според соопштението на МВР, со кривичната се опфатени П. Б. (31) за злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство; А. Г. (47) од Скопје за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство; против Д. К. (50) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување; против М. Д. (58) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување; против В. П. (41) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување и продолжено кривично дело примање поткуп; против А. А. (36) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело примање поткуп и против М. З. (38) од Тетово за злоупотреба на службената положба и овластување.

Вчера Министерството за внатрешни работи соопши дека утрто во 06:10 часот, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби се појавил на граничниот премин Блаце, кој веднаш бил лишен од слобода и приведен за понатамошно постапување.
„На Граничниот премин Блаце лишен од слобода Артан Груби. Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, се наведува во соопштението од Министерството за внатрешни работи.
Груби потоа беше пренесен во притворското одделение во Шутка бидејќи за него беше определен 30 дневен притвор во отсуство,
Политичката дебата се заострува со тврдења за наводни договори, коалициски дилови и прикривање на криминал.
СДСМ: Куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено
СДСМ реагира на одлуката за одредување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека, како што велат, „сè е договорено“.
„Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено“, стои во соопштението на партијата.
Од СДСМ тврдат дека „судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ДМПНЕ, за што со месеци зборува СДСМ“.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста“, наведуваат од партијата.
Во реакцијата се додава дека, според нив, „прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин“ започнал процесот.
„Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот“, се наведува во соопштението.
СДСМ дополнително тврди: „Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор“.
Од партијата поставуваат прашање: „Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му де одредува куќен притвор“, стои во реакцијата.
„На кого уште не му е јасно ова сценарио?“
„Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, се наведува во соопштението на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ: Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна
ВМРО-ДПМНЕ реагира на обвинувањата поврзани со случајот на Артан Груби, оценувајќи дека „правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна“.
„Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДСМ се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители“, стои во соопштението.
Од партијата додаваат:
„СДСМ треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО ДПМНЕ, а сега дека е обратно.“
Во реакцијата се наведува и:
„А всушност СДСМ се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ.“
ВМРО-ДПМНЕ поставува и прашање:
„Зошто врхушката на СДСМ денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”.“
Во соопштението се додава и:
„Црната кутија за криминалите на СДСМ и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДСМ ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби.“
ДУИ: Враќањето на Артан Груби отвора можност за транспарентна и фер постапка
Демократската унија за интеграција позитивно ја оценува одлуката на поранешниот функционер на партијата, Артан Груби, да се врати во земјата, оценувајќи дека со тоа се создава можност да се презентираат сите аргументи и да се разјаснат прашањата преку, како што наведуваат, транспарентна, фер и непристрасна постапка.
„Очекуваме процесот да се спроведе во согласност со највисоките стандарди на владеењето на правото: пред сè, со високо ниво на транспарентност, во согласност со јавниот интерес; но пред сè, со целосно почитување на презумпцијата на невиност и со заштита на индивидуалните права и слободи“, се наведува во соопштението од партиското седиште во Мала Речица.
Од ДУИ порачуваат дека остануваат на ставот дека правдата треба да биде еднаква за сите, „без селективност, без двојни стандарди и без политичко влијание“. Според партијата, само фер и професионална постапка може да придонесе за утврдување на вистината, зајакнување на институциите и одржување на довербата на граѓаните.
ВЛЕН: Дали Артан Груби ќе му го зададе фаталниот удар на Ахмети и ДУИ?
Коалицијата ВЛЕН во вчерашното соопштение поставува прашање дали поранешниот функционер на ДУИ, Артан Груби, кој денеска е уапсен на граничниот премин Блаце и е во притворското одделение во Шутка, ќе му го „зададе фаталниот удар“ на лидерот на партијата Али Ахмети и на самата ДУИ.
Во соопштението, ВЛЕН наведува дека, како што велат, „црната кутија за владеењето на ДУИ конечно се предаде“, оценувајќи дека Груби бил „учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ“.
„Затоа, Мала Речица се тресе од страв за тоа што не знаат за што сè е подготвен да прозбори Артан“, стои во реакцијата на ВЛЕН.
„Но кој сè ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“, се наведува во соопштението.
Случајот продолжува, политичките тензии растат
Додека истрагата продолжува, институциите најавуваат дека постапката ќе се води согласно законските процедури и обезбедените докази, а одлуките за мерките ќе зависат од текот на доказната постапка и оценката на надлежните органи. Во меѓувреме, јавноста останува во исчекување на понатамошните чекори на Обвинителството и Судот.
Истовремено, случајот „Лотарија“ прераснува и во силен политички судир, со остри меѓусебни обвинувања меѓу партиите за наводни договори, влијанија и одговорност. Разрешницата на судската постапка ќе биде клучна не само за утврдување на индивидуалната одговорност, туку и за довербата во правосудниот систем и институциите.
Ј. Ѓорѓиоски










