Демократската унија за интеграција позитивно ја оценува одлуката на поранешниот функционер на партијата, Артан Груби, да се врати во земјата, оценувајќи дека со тоа се создава можност да се презентираат сите аргументи и да се разјаснат прашањата преку, како што наведуваат, транспарентна, фер и непристрасна постапка.
„Очекуваме процесот да се спроведе во согласност со највисоките стандарди на владеењето на правото: пред сè, со високо ниво на транспарентност, во согласност со јавниот интерес; но пред сè, со целосно почитување на презумпцијата на невиност и со заштита на индивидуалните права и слободи“, се наведува во соопштението од партиското седиште во Мала Речица.
Од ДУИ порачуваат дека остануваат на ставот дека правдата треба да биде еднаква за сите, „без селективност, без двојни стандарди и без политичко влијание“. Според партијата, само фер и професионална постапка може да придонесе за утврдување на вистината, зајакнување на институциите и одржување на довербата на граѓаните.
„Со оглед на високиот политички и јавен интерес во овој случај, партијата внимателно ќе го следи процесот во сите негови фази“, стои во целосното соопштение од Мала Речица.
Додека Груби утрово беше лишен од слобода на граничниот премин Блаце и пренесен во притвор во Шутка, политичката дебата се заострува со тврдења за наводни договори, коалициски дилови и прикривање на криминал.
Враќањето и апсењето на поранешниот вицепремиер Артан Груби во земјава предизвика нова политичка пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со меѓусебни обвинувања за договори, дефокус и прикривање на скандали. Од СДСМ тврдат дека случајот со Груби се користи како „договорена кампања“ поради, како што велат, падот на рејтингот на премиерот Христијан Мицкоски, додека владејачката партија возвраќа дека токму СДСМ се плаши од можните сведоштва за минати афери.Двете најголеми партии меѓусебно се обвинуваат за поврзаност со афери, додека институциите продолжуваат со постапката против поранешниот функционер на ДУИ.
Коалицијата ВЛЕН во денешно соопштение поставува прашање дали поранешниот функционер на ДУИ, Артан Груби, кој денеска е уапсен на граничниот премин Блаце и е во притворското одделение во Шутка, ќе му го „зададе фаталниот удар“ на лидерот на партијата Али Ахмети и на самата ДУИ.
Ј. Ѓ.

