СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, во која загинаа мајка и дете, оценувајќи дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
На прес-конференција, потпретседателката на СДСМ Јована Тренчевска изјави дека трагедијата ја потресла целата јавност и дека институциите не успеале да ги заштитат жртвите и покрај бројните пријави за насилство.
„Трагедијата во скопската населба Карпош, во која згаснаа два човечки животи – на мајка и дете – ја потресе целата јавност. Оваа трагедија покажа сериозни пропусти на институциите за заштита од семејно насилство, системски неуспех да се заштитат човечки животи“, рече Тренчевска.
Според неа, во период од две години биле поднесувани повеќе пријави за семејно, физичко и психичко насилство.
„Две години се пријавувало семејно, физичко и психичко насилство. Дури 12 пријави имало за сопругот, кој имал и други обвиненија и пријави, а во последниот случај била пронајдена и дрога“, истакна таа.
Тренчевска оцени дека институциите биле алармирани, но не реагирале соодветно.
„Институциите биле алармирани, било пријавувано, имале сознанија, имало индиции за ризик и со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите. Потфрли Панче Тошковски. Потфрли МВР. Потфрлија центрите за социјална работа. Потфрли целиот институционален систем“, изјави Тренчевска.
Таа додаде дека формалното постапување и игнорирањето на законските обврски довеле до трагичниот исход.
„Формалното постапување, игнорирањето на законските обврски и непостоењето на навремена реакција доведоа до најстрашниот исход – трагична смрт на мајка и дете“, рече таа.
Тренчевска нагласи дека случајот не е изолиран и посочи на други трагедии поврзани со семејно насилство.
„Само пред неколку месеци во Велес млада жена беше убиена заедно со нејзиниот татко, иако претходно пријавувала насилство. Институциите повторно не реагирале навреме. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, изјави Тренчевска.
СДСМ бара темелна истрага за случајот и утврдување на одговорност.
„СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и темелна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица – во МВР, центрите за социјална работа и во сите институции кои потфрлиле“, рече таа.
Тренчевска додаде дека според законските измени насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност.
„Затоа Тошковски да не се обидува да ја префрла одговорноста на било кој, одговорноста е кај оној што го води системот. Проблемот почнува од врвот“, изјави таа.
Таа порача дека министерот треба да ја преземе одговорноста.
„Единствената телеграма што денес Тошковски треба да ја испрати е неговата оставка“, рече Тренчевска.







