Европската комисија денеска ѝ исплати на Хрватска осма транша во износ од 896,9 милиони евра, во рамки на планот „ЕУ за идните генерации“, соопшти Комисијата.
Станува збор за инструмент што Европската унија го воспостави по пандемијата, со цел да им помогне на земјите членки во економското закрепнување и зајакнување на отпорноста.
Според Европската комисија, исплатата е поврзана со спроведување на мерки во повеќе области, меѓу кои подобрување на пристапот до здравство, одржливи финансии, иновации, мобилност, управување со води, одржливо земјоделство, како и борба против организиран криминал и корупција.
Со оваа транша, Европската комисија досега ѝ има исплатено на Хрватска 73 проценти од вкупниот пакет од 10 милијарди евра, при што 5,8 милијарди евра се неповратни средства во форма на грантови, а преостанатите 4,2 милијарди евра се поволни кредити.
Исплатите од фондот се условени со исполнување на конкретни цели од националните планови за закрепнување и отпорност, а во случајот на Хрватска Европската комисија проценува дека досега се реализирани 62 проценти од предвидените цели.
Комисијата ги предупреди сите земји членки дека до август оваа година мора да ги исполнат преостанатите обврски, а најдоцна до септември да поднесат барање за исплата на остатокот од средствата, бидејќи тогаш истекува рокот за нивно користење.













































































































