Ризикот од појава и ширење на хантавирус (андес варијанта) во нашата држава е низок, а здравствениот систем е целосно подготвен за справување со евентуална појава на инфекцијата. Ова е главниот заклучок од последната седница на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, на која се разгледуваше глобалната состојба по појавата на кластер со овој вирус во светски рамки.
Од Комисијата уверуваат дека здравствените институции се екипирани и технички подготвени. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе располага со потребните реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со утврдени стандардни оперативни процедури за негова прецизна дијагностика.
Истовремено, Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби ги има на располагање сите неопходни капацитети за третман на евентуални пациенти кои би развиле симптоми карактеристични за инфекција со андес варијантата на хантавирусот. Клиниката е опремена со соодветни услови за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка.
Во однос на карактеристиките на вирусот, Комисијата појаснува дека андес варијантата е специфична по тоа што, за разлика од останатите варијанти на хантавирусот, постои можност да се пренесе од човек на човек. Сепак, здравствените експерти смируваат и потенцираат дека ваквиот пренос се случува само при подолг и близок контакт, односно не е брз и лесен како што беше случајот со коронавирусните инфекции.
Комисијата за заразни болести посочува дека континуирано и будно ја следи состојбата со вирусот на глобално ниво.













































































































