По историската прва победа на Евровизија со Дара и песната „Бангаранга“ во Виена, Бугарија веќе ги започнува подготовките за организација на следното издание на престижниот музички натпревар. Четири бугарски градови официјално изразија интерес да бидат домаќини на големото евровизиско шоу.
Премиерот на Бугарија, Румен Радев, изјави дека победата на Евросонг е огромен успех за земјата, упатувајќи честитки до Дара за нејзиниот професионализам, посветеност и талент, како и до Бугарската национална телевизија (БНТ) и целиот тим. Тој најави дека оваа недела ќе одржи средба во Министерскиот совет со ресорните министри за да се прецизираат потребните финансиски средства и целосниот план за подготовка, со цел Бугарија достоинствено да се претстави како домаќин.
Покрај главниот град Софија, за организација на Евровизија се заинтересирани и Пловдив, Варна и Бургас. Секој од градовите има свои инфраструктурни понуди и предизвици:
Софија: Главниот град ја нуди спортската сала „Арена Софија“, каде во 2015 година веќе се одржа Детската Евровизија. Објектот располага со 12.000 седишта, а за концертни настани може да прими до 18.000 гледачи. Градот има и предност со два аеродромски терминали.
Пловдив: Локалните власти го предлагаат стадионот „Ботев“, но напоменуваат дека за одржување на ваков комплексен настан ќе биде потребна негова реконструкција.
Варна: Приморскиот град располага со сала со капацитет од околу 6.000 места.
Бургас: Салата во овој град нуди значително поголем капацитет и има можност да прими речиси 15.000 гледачи.
При финалниот избор на градот домаќин, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) покрај големината на салата, строго ги зема предвид и хотелските капацитети, како и близината и развиеноста на сообраќајната инфраструктура. Точниот рок за објавување на градот домаќин за следната Евровизија ќе биде познат по првите официјални состаноци помеѓу БНТ и ЕБУ.










































































































