На 28 мај 2026 година (четврток), во просториите на кино салата „Мис Стон“ во Прилеп, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи свечен настан посветен на ликот и делото на истакнатиот македонски актер Дарко Дамески. Поводот за овој настан е одбележувањето на јубилејни 55 години од добивањето на престижната награда „Златна арена“.
Според најавената програма, по приемот на гостите, во 19:30 часот официјалниот дел ќе биде отворен со обраќања на претседателот на Ротари клубот, Орде Ѓоргијоски, и раководителот на НТП „Војдан Чернодрински“, Михајло Миленкоски. Пред присутните ќе се обрати и синот на актерот, театарскиот и филмски продуцент Симеон Мони Дамевски.
Покрај официјалните обраќања, посетителите ќе имаат можност да проследат отворање на изложба, како и прикажување на омаж за Дарко Дамески, изработен од Горан Марковски. Во рамките на програмата ќе биде прочитана биографијата на актерот, како и интервјуто насловено „Златото се вика Дарко Дамески“, авторско дело на Васил Пујовски, првично објавено во магазинот „Екран“ на 4 септември 1971 година.
Централен дел на вечерта ќе биде проекцијата на култниот филм „Црно семе“, за чија улога Дамески ја доби наградата „Златна арена“ на фестивалот во Пула.
Настанот е поддржан од Ротари клубот од Прилеп. Изложбата е во сопственост на НУ Театар Комедија – Скопје, додека идејата и иницијативата се на Саша Шотаровски. Изработката на фотографиите е дело на Виктор Семенпеев од „Софија Принт“ во Скопје, а дизајнот на плакатот и поканите го изработи внуката на актерот, Бојана Чаминска Тиноко.








































































































