Четири лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи доцна синоќа на скопската обиколница, во близина на населбата Радишани.
Според полициските информации, несреќата била пријавена синоќа во 23 часот, а истата се случила на потегот помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци.
До трагедијата дошло откако 76-годишниот Б.Б. од Косово, управувајќи товарно возило „МАН“ со полуприколка со косовски регистарски ознаки, изгубил контрола врз камионот. Возилото ја пробило заштитната метална ограда, преминало во спротивната лента на автопатот и директно се судрило со автомобил „БМВ“ со скопски таблички, управуван од 51-годишниот Р.В. од Скопје.
Од силината на ударот избувнал пожар во двете возила, при што автомобилот и кабината на товарното возило целосно изгореле.
Од МВР информираат дека на местото на несреќата животот го загубиле возачот на автомобилот Р.В., сопатниците А.В. (20) и П.М. (20) од Скопје, како и уште едно лице чиј идентитет сè уште не е утврден. Лекар од Итната медицинска помош само ја констатирал смртта, а по наредба на јавен обвинител, телата на загинатите се предадени на обдукција.
Возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица за понатамошна истрага. Од полицијата најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Поради вршење на увидот, сообраќајот на овој потег беше во прекин повеќе од шест часа и возилата се пренасочуваа преку алтернативни клучки, по што утрово во 5 часот движењето беше целосно нормализирано.







































































































