Јубилејното 25. издание на реномираниот музички фестивал ОФФест, кое од 3 до 6 јуни носи извонредно силна и колоритна програма со акцент на африканскиот континент, на 6 јуни во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 22:00 часот, на македонската публика ќе ѝ го претстави настапот на извонредниот мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, Мачуме Занго.
Мачуме Занго (тимбила, перкусии) е реномиран уметник, меѓународно признат како новиот мајстор на тимбила – традиционалниот дрвен ксилофон. Неговата посветеност на традиционалната мозамбиска музика и танц започнува уште од неговата шестгодишна возраст. Занго потекнува од Завала, провинцијата Инхамбане, која важи за самиот центар на традицијата на тимбила, а во својата кариера има одржувано и предавања на Универзитетот во Кејп Таун.
Инспириран од својата долга и страсна музичка и перкусионистичка траекторија, тој покрај свирењето се посветува и на проучување и рачна изработка на инструменти како тимбила, мбира, читенде и џембе тапани. Занго е дел од познатата група „Timbila Mozimba“, а зад себе има и соло изданија како „Wata M’cande“ and „Tatei Watu“. Во изминатите дваесет години, Мачуме има настапувано ширум светот како изведувач и композитор на традиционална, експериментална и фјужн музика, активно учествувајќи на работилници и снимања, вклучувајќи и соработки со уметници како Кејт Грифин.
Пред скопската публика, Занго ќе го изведе својот проект насловен „The Native Practices of Mozambique“ (Домашни практики од Мозамбик). Се работи за аудиовизуелен концерт кој доаѓа како обновена верзија на песните, танците и ритуалите на Банту народите од Мозамбик. Проектот се реализираше во 2023 година и во себе вклучува аудиовизуелни материјали од културните традиции на три етнички групи во оваа земја: Макуа, Нијау и Чопе.
Редакција Фронтлајн






































































































