Исланѓаните се изјаснија против обновување на преговорите за членство на земјата во Европската Унија, покажуваат најновите резултати од референдумот одржан во саботата. Според исландскиот јавен сервис RÚV, исходот веќе практично не може да биде променет, иако утрово сè уште се пребројуваа последните гласачки ливчиња во еден од шесте изборни окрузи.
По преброени околу 188.500 гласови, 52,5 отсто гласале против, а 47,5 отсто за предлогот Исланд повторно да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Пет од шест изборни окрузи веќе ги имаа објавено конечните резултати, а преостанатиот југозападен округ исто така се движеше во корист на опцијата „не“.
Резултатот дојде по драматична изборна ноќ. Првите преброени гласови покажуваа мала предност за приврзаниците на продолжувањето на европскиот пат, особено по објавувањето на резултатите од Рејкјавик. Во двата округа на главниот град мнозинството беше за обновување на преговорите, но како што пристигнуваа резултатите од руралните делови на земјата, односот се промени во корист на противниците.
Референдумот го иницираше владата на премиерката Криструн Фростадотир, а прашањето пред гласачите беше дали Исланд треба повторно да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Важно е дека гласањето не беше директен референдум за членство во Унијата. Дури и доколку победеше опцијата „да“, евентуалниот договор за пристапување требаше повторно да биде ставен пред граѓаните. И самиот референдум, според исландскиот изборен закон, има советодавен карактер.
Кампањата беше силно поделена околу економијата, безбедноста и контролата врз природните ресурси. Приврзаниците на европската интеграција тврдеа дека членството би можело да обезбеди поголема економска и геополитичка стабилност во услови на војна во Украина и зголемени тензии околу Арктикот и Гренланд. Економскиот аргумент доби дополнителна тежина откако Централната банка на Исланд на 19 август ја зголеми основната каматна стапка на 8 отсто, додека инфлацијата останува над пет проценти.
Противниците, пак, предупредуваа на губење дел од националниот суверенитет, а најчувствителното прашање беше рибарството. Исланд располага со исклучително богати риболовни води, а стравувањето дека членството би ја ограничило самостојната контрола врз квотите и пристапот до морските ресурси со години е една од главните пречки за влез во ЕУ.
Исланд првпат аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, по финансиската криза. Преговорите беа ставени во мирување во 2013 година по смената на власта, но апликацијата никогаш формално не беше повлечена.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА








