Холивудската актерка Мила Кунис, во 1991 година, на само седумгодишна возраст, ја напуштила родната Украина со своето еврејско семејство, пристигнувајќи во Лос Анџелес со виза за верски бегалци, без да знае ниту збор англиски и со само 250 долари. Три децении подоцна, таа собра повеќе од 37 милиони долари за помош на украинските бегалци.
Кунис е родена како Милена Марковна Кунис во 1983 година во Чернивци, Украина. Нејзиниот татко Марк работел како машински инженер, а нејзината мајка Елвира како наставничка по физика, но нивните дипломи не биле признаени по преселбата во САД.
„Дојдоа во Америка со куфери, седумчлено семејство и 250 долари, и тоа беше сè“, изјави Кунис во едно интервју присетувајќи се на тој период.
За да го прехрани семејството, во кое бил и нејзиниот постар брат Мајкл, нејзиниот татко морал да работи повеќе работи, меѓу кои и како таксист, додека мајка ѝ работела во продавница и учела англиски во вечерно училиште.
Кога Русија ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, Кунис и нејзиниот сопруг, актерот Ештон Качер, за само неколку дена ја покренаа кампањата Stand With Ukraine на платформата GoFundMe. Во партнерство со Airbnb.org и логистичката непрофитна организација Flexport, тие обезбедија итно сместување и хуманитарна помош за луѓето кои бегаа од војната.
Двојката лично вети дека ќе донира до 3 милиони долари за да ги дуплира пристигнатите донации.
„Кога видовме дека Путин тргнува на целата земја, знаевме дека следува масовна криза. Ештон и јас си рековме: ‘Добро, ајде да го направиме ова’. За 24 часа го вклучивме и GoFundMe“, изјави Кунис за одлуката веднаш да дејствуваат.
Кампањата, чија првична цел беше 30 милиони долари, на крајот собра повеќе од 37 милиони долари од десетици илјади донатори. На страницата за донации, Кунис ја опиша војната како „неправеден напад врз Украина и врз човештвото во целина“, додавајќи дека Украинците „ја заслужуваат нашата помош во овој тежок момент“.
За овој хуманитарен ангажман, магазинот PEOPLE ја прогласи Мила Кунис за една од Личностите на годината за 2022 година, а самата актерка истакна дека војната повторно и подлабоко ја поврзала со земјата што ја напуштила како дете.
Б. Ј.






