Судскиот совет на чело со Добрила Кацарска ја потврди пресудата од девет години затвор за поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски.
По втор пат тој е прогласен за виновен за делото злоупотреба на службената положба во предметот „Триста” отворен од СЈО, а се однесува на набавката на 300 возила во министерството за внатрешни работи. Освен казната затвор, Поповски се задолжува да ја надомести и штетата на МВР во износ од над 27 милиони денари. И на првото судење, поранешниот помошник на МВР беше прогласен за виновен и осуден со девет години затвор, но Апелација го врати предметот на повторно судење.
Заедно со оваа пресуда Поповски треба да лежи вкупно 13 години и шест месеци затвор, затоа што тој веќе е осуден во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот Мерцедес.
Таму, првично доби шест, а потоа Апелација му ја намали казната на четири години и шест месеци затвор. Освен Поповски во „Тенк” беа осудени и експремиерот Никола Груевски на две години и поранешната министерка Гордана Јанкуловска на четири години затвор.
А. Зеќири