„Државата ни се наоѓа во крајно комплицирана состојба, пред новиот бран на епидемијата наесен, заедно со сезонскиот грип за што предупреди и Светската здравствена организација. Со распуштено Собрание, со техничка Влада која имаше мандат за организирање на предвремени парламентарни избори за 12 април 2020 година“, рече Зоран Заев по координативната средба во Стумица со кандидатите за пратеници во ИЕ4.
„Со останатите кандидати за пратеници потврдивме дека крајно потребно и одговорно е да се најде решение за изборите да се одржат пред почетокот на летото, најмногу заради здравјето на луѓето. Затоа нашата, мојата порака денеска е: Изборите се решение, а не проблем. Спроведувањето на изборите бара внимателност и одговорност од секој од нас, при што јасно е дека изборите се единствениот демократски механизам за граѓаните да го вратат легитимитетот на законодавната и извршната власт. Граѓаните да одлучуваат е врв на демократска придобивка, изборите се потребни за да обезбедиме целосно функционални институции кои ќе го штитат здравјето на граѓаните, и кои ќе обезбедат целосен рестарт на македонската економија. Избори треба да се одржат во првиот можен термин согласно законските можности и согласно состојбата со епидемијата.
Денес уште еднаш порачуваме дека сите имаме и обврска и одговорност да водиме прилагодени, контролирани, нов тип на кампањи, со сите мерки на заштита и се разбира без масовни настани. Исто така уверени сме дека институциите ќе ги обезбедат сите превентивни мерки за стопроцентна заштита на граѓаните на денот на гласањето. Набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР ќе биде гаранција дека слободно изразената волја на граѓаните ќе биде легитимна. На граѓаните им се неопходни законодавна и извршна власт со полн капацитет, пренесен суверенитет и доделена одговорност за управување со земјата наша. Северна Македонија мора подготвено и со сто проценти капацитет на институциите да го дочека септември. Да бидеме целосно спремни за уште поефикасно справување со последиците од досегашниот тек на пандемијата и за очекуваниот нов бран на вирусот.
Функционалните институции се неопходни и за Републиката и за рестарт на економијата. Здравјето и живеачката на луѓето се најважни, а за тоа ни треба целосно функционален демократски институционален систем и целосни економски механизми за зголемување на потрошувачката на граѓаните и за развој на македонското стопанство. Ние сакаме избори на кои ќе учествува опозицијата. Ние имаме силен демократски капацитет, и како досега ќе направиме сè опозицијата да си ја преземе својата одговорност“, истакна Заев.