Во Црна Гора воопшто нема пациенти заразени со новиот коронавирус, по 68 дена од првиот регистриран случај, објави денеска Институтот за јавно здравје на земјата.
Во последните 24 часа биле тестирани 140 лица, пренесе порталот „Вјести“.
Како што се наведува, од избувнувањето на епидемијата во Црна Гора се разболеле вкупно 324 лица, од кои 315 закрепнале, а деветмина починале.
Во земјата нема потврдени нови случаи на инфекција веќе 20 дена по ред. Црногорските здравствени власти претходно соопштија дека крајот на епидемијата ќе биде прогласен кога вкупно 28 дена по ред нема да биде забележан нов случај на зараза.
Толку во просек траат два временски периода на инкубација на вирусот и ова е прифатено како стандард од страна на медицинските лица.
Црна Гора беше последната европска земја во која се појави коронавирусот, на 17 март.
За 70 дена изолација, поради кршење на мерките за заштита, 1.768 жители на Црна Гора добиле казни и во добротворни цели морале да платат вкупно 106 илјади евра.