„Денеска се точно три месеци од кога се дијагностицираше првиот случај на КОВИД-19 во земјата. После три месеци ние сме на една раскрсница. За жал, многу граѓани беа жртва на оние граѓани кои не ги почитуваа мерките. Ние кажавме дека првата битка е добиена, но борбата се уште трае и ќе трае. Ќе мора да се научиме да живееме со вирусот. Голем дел од граѓаните се придржуваат до мерките, но голем дел не ни веруваат дека постои вирусот“, изјави министерот за здравство Венко Филипче, на прес конференцијата по владината седница на која се донесе одлука за олабавување на мерките.
Сите досегашни мерки се носеа врз основа на науката и бројките потенцира Филипче.
„Во изминатиот период имавме доволно време и да го зацврстиме здравствениот систем. Целосно сме подготвени да се носиме со ситуацијата. Очигледно е дека вирусот ќе биде тука. Ќе ја чекаме вакцината како и целиот свет. Огромен дел од борбата со вирусот паѓа на граѓаните. Да се почитуваат мерките и препораките. Сите сме одговорни за нашето здравје. Само така ќе ставиме крај на ширењето на вирусот“, заклучи Филипче.