ПРЕТСЕДАТЕЛОТ на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски: Сега одиме на едно пошироко тестирање на населението, како тестирање на вработените во градинките, при што во средината на јуни би требало безбедно да ги пуштиме нашите деца во градинките.
ФИЛИПЧЕ: Добро се менаџира бројката на заболени. Ние сме во фаза кога животот го враќаме во нормала. Дискутираме за многу аспекти, за укинување на полицискиот час, за отворање на угостителските објекти, но со протокол за работа, како да ги наредат масите, по колкумина да седат.
ВЛАДАТА донесе одлука од денеска (среда, 27 мај) да престане важењето на забраната за ограничено движење, а угостителските објекти да почнат да работат од утре. За нив има прецизирани протоколи во зависност дали се затворени или имаат тераси.
АПЕЛАЦИСКИОТ суд Скопје, од денеска до петок во големата сала на Врховен суд, ќе одржи јавна седница за случајот 27 април каде обвинети се поранешниот директор на Бирото за Јавна Безбедност, Митко Чавков и 15 други лица.
ФРОНТ: Кристина Костова: Не е време за опуштање.
Во ПИСМО до европскиот комесар Оливер Вархеји, 11 члена на либералната група „Обнова на Европа“ изразија длабока загриженост за состојбата со демократијата во Србија и условите во кои ќе се одржат претстојните избори.
Пратениците напишаа дека тие се повеќе загрижени за растечкото влијание на Русија и Кина и изјавите на српските власти за Европската унија кои фрлија сенка на сомнежот врз политичката посветеност на Србија кон заедничка европска иднина, се вели во писмото.
ЕСТОНИЈА покрена апликација со дигитални имунолошки пасоши, што им овозможуваат на луѓето да го споделат својот статус поврзан за коронавирусот со трета страна, како што се властите или работодавецот.
Од ЈСП информираат дека од утре јавниот превоз ќе функционира вообичаено, односно без временско ограничување. Автобусите ќе сообраќаат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 часот кои ќе возат по редуциран делничен возен ред.
ВРЕМЕТО денеска ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и со умерен до засилен северен ветер. На места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
А. Н. Стојчевски