Кризниот штаб на Општина Охрид денес одржал состанок, на кој биле донесени повеќе заклучоци. На истиот присуствувал и раководителот на Подрачната единица на Државен инспекторат во Охрид, пренесува Фокус.
Оттаму информираат дека поради зголемениот број на посетители во Охрид, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат заедно со екипи на СВР Охрид и претставници на Инспекторатот при Општина Охрид спроведуваат 24-часовни контроли на сместувачките капацитети и се врши санкционирање на оние капацитети и станоиздавачи кои ги прекршуваат препораките и уредбите на Владата на Република Северна Македонија, во делот на туристичката дејност и во насока на превенција од корона вирусот.
-Веќе се работи на зголемување на подготвеноста на капацитети од здравствениот систем во Охрид, при евентуален поголем прилив на заразени од Ковид -19, доколку бидат исполнети капацитети на Инфективната клиника во Битола и болничките капацитети во Скопје.
По завршување на продолжениот викенд ќе се врши интензивна дезинфекција на улиците, јавните површини и станбените објекти на територија на Општина Охрид.
Од 26.02 кога беше регистриран првиот случај на ковид 19 вирусот досега се прошири во 31 град во земјава. Најголем дел од случaите се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес и Штип, додека највисок морталитет се регистрира во Струга, Куманово, Прилеп, Велес и Дебар.
Од Центарот за јавно здравје Охрид велат пациентите веќе почнуваат сами да доаѓаат на тестирања за разлика од претходно кога контролите се вршеле исклучиво со полициска придружба. Во Лабуништа сега активен е само еден случај, но вирусот почна да се шири и во околните села од регионот, пенесе ТВ24.
Епидемиолозите предупредуваат дека се додека граѓаните не ја сфатат сериозната на вирусот и не ги почитуваат мерките за заштита, бројката на новозаболени, но и починати постојано ќе биде во пораст.
Задолжително носење маска, држење социјална дистанца, дезинфекција на рацете, навремено пријавување на симптомите и воздржување од групирања и собири се постојаните апели на здравствените власти од почетокот на епидемијата, а поготово сега кога земјава е единствена во регионот која се соочува со втор бран на ковид 19.







