пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
ОСВЕН НА ПЛАЖИТЕ, каде што македонските граѓанки и граѓани „најпатриотски“ си го споделуваа коронавирусот, во земјава денеска не се случуваше ништо особено. Барем политичката сцена беше тивка. Тоа е за очекување.
СЈО Е МРТВО, да живее СЈО! Без СЈО… Или… Како поранешните вработени во СЈО се препознаа во илинденскиот говор на претседателот Пендаровски на Пелинце. Решение: или Претседателот ќе се извини и ќе го затвори случајот како “дотепување од небрежност” или да го отвори случајот до крај. Што навистина се случува(ше) со СЈО, пред да стане жртва на убиство со (рекет) предумисла.
ДУРИ И МИЦКОСКИ можеше денеска да здивне. Никој не му опна вербален аперкат, никој не испука проектил во неговото губитничко политичко срце (сефот со печатите). Добро, не беше без ич… „Христијане ти не си ВМРО… Време е да бидеш разоткриен… Не го напаѓаме ВМРО, туку го ослободуваме од тебе… Ќе излезе на видело целата злоупотреба на ВМРО, идеологијата и партијата за твоја приватна забава“ – му напиша Филип Петровски. Не дека овие констатации се погрешни, ама кога доаѓаат од овој лик, тоа е како никој ништо да не напишал…
ТРКАТА ЗА МАНДАТАР во земјата започнува утре. Мрежите се исплетени, сабјите исукани, канџите наострени, насмевките наместени… Без оглед на тесната изборна разлика меѓу прогресивците и “патриотите”, предноста што ја има Зоран Заев е повеќе од очигледна. Но, составување влада во Македонија никогаш не била едноставна задача. Знаете и зошто. Ако не ви е јасно, не грижете се. Од утре, македонските медиуми ќе се погрижат да ви стане уште помалку јасно.
БЛОКАДАТА НА РУСИНО, гостиварската рак рана (депонија) е за посебно одбележување. Овие денови кога политиката на државно ниво е во лимбо, освен што Мицкоски се пржи во внатрепартискиот пекол, ова беа денови кога можевме да се свртиме малку кон локалните прашања. Така, гостиварци решија да си го решат проблемот со депонијата. Не е потребен уште еден Метју Нимиц за решавање на овој проблем. Само малку политичка волја и малку повеќе знаење.
СКОПЈАНИ СЕ ЖАЛАТ на високите цени во Охрид и околината. Охридските домаќини, пак, се жалат дека домашните туристи го задушија градот во отпадоци, а пари не оставаат. Сите сме сиромашни за по нешто, не само за пари…
НАШИОТ СОЛАРЕН СИСТЕМ има една планета погодна за живот – Земја. Но има ѕвезди кои во својот систем може да имаат и до седум Земјолики планети (егзопланети), под услов да немаат некој гигант од гас како Јупитер. Една од најблиските егзопланети до нашиот соларен систем е во системот на џуџестата ѕвезда Рос 128. Ако тргнеме денеска, со брзина на светлината, ќе стасаме таму за 11 години.