пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Од бурлеска и фијаско до сериозна меѓународна шлаканица за вмровците – во еден ден. Портпаролот на вмровците извика „Да живее Зоран Заев!“ на протест од кој се срамат и најтврдокорните вмровци. Што да се каже на тоа? Човек, едноставно, не може да остане сериозен, а уште помалку може да ги сфати сериозно овие луѓе. Единствено сериозни се сумите пари што оваа партија ги има, наспроти замрзнатите сметки и милионските долгови. Непреченото функционирање на скапата партиска агитпроп машинерија открива дека пари има. Од каде доаѓаат тие силни пари за скапа продукција на лаги и говор на омразата, може лесно да се претпостави.
Европскиот парламент ја објави студијата „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“ што ја изработи, никој друг, туку самиот Генерален директорат за надворешна политика на Европската Унија.
Ако возбудениот восклик на вмровското портпаролче „Да живее Зоран Заев“ остане да се тркала како виц по кафеанските чаршафи во наредните денови и месеци, оваа студија ќе му се залепи на реверот на ВМРО-ДПМНЕ засекогаш. Ова е веројатно еден од најчистите и најотворените официјални документи на највисоко европско ниво, во кој се наведува, со име и со презиме, самиот врв на партијата, Христијан Мицкоски и Никола Груевски, како извори на дезинформации во земјава. Кампањите со дезинформации, според студијата, имаат цел „да ги влошат внатрешните конфликти (особено меѓу етничките заедници на Македонците и Албанците), да им нанесат штета на меѓународните односи на Северна Македонија (особено со Бугарија, Грција и ЕУ) и да ги нарушат или искривоколчат критичните изборни процеси, главно, референдумот во септември 2018 година за прифаќање на името Северна Македонија, што имаше последици врз евроинтеграциите на земјата“.
Студијата ги отвора прашањата за зголемените инвестиции од Унгарија во македонскиот медиумски пазар. „Унгарски државјани поврзани со унгарскиот провладин медиумски пазар купија неколку македонски медиуми кои претходно беа во сопственост на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНА (како што се ТВ Алфа и интернет порталите Курир и Република), кои претходно беа меѓу главните извори на провладина пропаганда“ – се вели во студијата. Во продолжение, студијата ги посочува откритијата на македонските новинарски истражувања за инјектирањето на повеќе од 3,2 милиони евра преку низа сомнителни трансакции за маркетиншки услуги за маслиново масло и магнети за фрижидери, преку словенечки фирми во сопственост на истиот унгарски државјанин, Петер Шац. „Овие трансакции сега се под истрага на словенечките и унгарските власти“ – пишува во студијата.
Во студијата не се заобиколува ни влијанието изразено преку дејствувањето на рускиот Спутник. „Тие се групираат околу поларизирачките наративи кои ги вклучуваат замислените закани за македонскиот идентитет“ – пишуваат авторите на студијата. Таму се наведува и целата плејада од кампањи за дезинформирање кои ги мешаат антибугарските, антигрчките и антиалбанските сентименти со стравовите дека младите Македонци ќе станат „топовско месо“ во војните на НАТО кое, пак, ќе ја наметне 5Г технологијата со штетни последици по јавното здравје и јавната безбедност.
Не се испуштаат ниту руско-унгарските медиумски влијанија во создавањето еуфорија и страв од „Голема Албанија“ и дезинформациите дека ЕУ и НАТО го поддржуваат тој проект. Тоа има цел да се нарушат изборните и постизборните процеси, се констатира во студијата. И јасно се наведува дека тоа е поврзано со „руските актери“.
Се разбира, дел од локалните ликови што се наведени во овој документ со име и презиме, ќе се радуваат што се ставени во ова разбојничко друштво и во овој контекст, несвесни кутрите, колку тежок удар е ова за нивната партија и криминалните кругови во политиката за кои одработуваат како обична пешадинци. Но тие се сосема поинаква приказна која не вреди да се раскажува овде.
Авторите на студијата сега веројатно ќе добијат „пресуда“ од Советот за етика во медиумите (СЕММ) за пристрасно известување и кршење на Кодексот на новинарите. Да, да, тоа може да се очекува ако се следи логиката по која се раководеа кога и на авторот на овие редови му „пресудија“ пред неколку месеци, застанувајќи на страната на главната уредничка на пропагандистичката телевизија што е прва во наведените медиуми во оваа значајна студија. Да не наведувам линкови и цитати, кој е заинтересиран, може да ги праша за што се работи.
Да се вратиме на главната тема на нашата сторија. Студијата наведува дека постојат аргументи дека инвестициите во македонските медиуми се „дел од проектот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за ширење на неговото медиумско влијание надвор од Унгарија, во други земји во кои неговите евроскептични вредности на ‘илиберална демократија’ може да најдат погодно тло“. Тоа не ја подразбира само Македонија, туку и Словенија, па дури и Велика Британија каде што Орбан има интерес да ја прошири својата илиберална идеологија, се вели во студијата. И, се разбира, неизбежно, се нотира блиската врска меѓу Орбан и Груевски и контроверзниот азил кој му беше даден на нашето диктаторче (израз на светските медиуми) со цел да избегне затворска казна во Северна Македонија.
Директниот и недвосмислен јазик со кој се презентираат наодите Генералниот директорат за надворешна политика на ЕУ се јасен сигнал дека вмровците веќе не можат да се надеваат на слабостите на дипломатскиот говор. Или, со други зборови, ѓаволот ја однел шегата. Колку мора да се претера за да се објави една ваква студија од место кое се нарекува Европски парламент? Во неа им сестрински партии на нашите „јунаци“ колку што сакате? Дотолку повеќе – во мнозинство се токму европарламентарците на Европската народна партија со 187 места (од 705)!
Некој ќе рече, студијата на Генералниот директорат не кажува ништо ново, македонските истражувачки новинари и невладини организации како ЦИВИЛ и други, постојано ги разоткриваат овие појави. Македонската јавност не само што е добро запознаена, туку и презаситена со вакви извештаи и анализи. Точно е. Но кога потврда за тоа ќе дојде од вакво ниво, нешто веќе мора да се преземе. Ако институциите до сега молчеа, сега ќе мора да преземат нешто. Не е доволно да поканите некого на разговор во полициска станица, со што само дополнително ќе му ја отворите устата. Оваа студија ќе биде дел од прашањата на кои нашите државни претставници ќе мора да одговорат во текот на долгите преговори за членство во ЕУ што ни претстојат.
Точно е дека оваа студија е само уште една потврда на сите наши извештаи, повици, колумни и анализи. Исто како што, кога Зоран Заев во 2015 година, тогаш опозициски лидер, ги објави прислушуваните разговори, што истекоа од електронските архиви на кликата на Груевски и криминалната Фамилија. И тогаш напишав дека тие се само мрачна потврда за бруталноста на режимот. Извештаите за состојбата на човековите права на американскиот Стејт Департмент и сé подиректните извештаи на Европската комисија за прогресот на нашата земја, извештајот на експертската група на Рајнхард Прибе – сите тие беа само потврда на нашите наоди за тоа дека режимот на Груевски ја зароби државата.
Може ли некој да замисли што сé има во извештаите од истражувачкиот тим? За да дојдат до тие неполни три страници посветени на Северна Македонија, собрани се безброј податоци, електронски исечоци и записи од мониторингот. Сите тие сведочат за една континуирана повеќегодишна гнасна кампања во медиумите и на социјалните мрежи. Тие сега се депонирани во европското сеќавање на деструктивната кампања за дезинформирање на јавноста и уништување на вредностите за кои мнозинството граѓанки и граѓани се залагаат и ги полагаат своите надежи за подобра иднина.
И што сега? Добро прашање за институциите на државата и ликовите од (само)регулаторниот Олимп. Што се однесува до нас, обичните смртници, крајно време е да се отворат очите. Ова веќе одамна не е шега.
Илустрацијата (колаж) е објавена претходно, во текстот „Кремљ напаѓа“, март 2020.
Сите права се задржани. Тесктот е личен став на Авторот.