Во врска со демантот од „Three“ Bar&Kitchen за фотографијата преземена од социјалните мрежи и објавена на Фронтлајн, упатуваме извинување до локалот, како и до нашите читателки и читатели, за настанатата грешка.
Фотографијата, како што се наведува и во демантот од локалот, е објавена во текот на претходниот ден, но е направена една година порано.
Должни сме да објасниме дека фотографијата е преземена од социјалните мрежи од наш читател и испратена до нас со неколку дополнителни коментари кои, заедно со фотографијата, беа објавени на нашиот портал. За жал, направена е грешка каква што не е својствена за нашиот портал, па фотографијата, заедно со коментарите од читателот беа објавени истиот момент, пред крајот на работното време, без неопходните проверки кои вообичаено се прават, пред да се објави било каква содржина.
Искрено жалиме што дојде до ова недоразбирање и уште еднаш им се извинуваме на нашите читателки и читатели, а се разбира и на „Three“ Bar&Kitchen.
Оваа ненамерна грешка е уште еден потсетник и поука дека буквално секој прилог што доаѓа на наша адреса мора да биде подложен на проверка, без исклучок. Затоа, го упатуваме ова искрено и длабоко извинување до читател(к)ите на Фронтлајн. Направена е ненамерна грешка. Тоа ќе биде причина повеќе да продолжиме одговорно и професионално.
Редакцијата