пишува Ана Неделковска
Корона вирусот е само мал тренинг за она што нé чека ако не сме внимателни… со тоалетната.
Како се полакомивме по тоалетна хартија, како животот, имунитетот и иднината да ни зависат од тоа дали двослојно или трослојно ќе ги искористиме придобивките на сите тие исечени дрвја за таа потреба. Уште не се најде соодветно и логично објаснување зошто се испразнија рафтовите со тоалетна хартија, прв пат толку интензивно после отворањето на Карфур и цените од 12 денари по ролна.
А, и за брашното стигна да се бара „грам повеќе“, па „имам човек“, па „го криете под каса“ итн. Смешното е што секој нормален ден сме на гевреци, буреци и готова храна (освен оние безглутенските, овесните снегулки со арома на авокадо и стевиа), ама сега еве ќе земеме да месиме сите по дома. Сите! Старо, младо, машко и женско, да има застапеност! Последен пат кифла имаш направено од пластелин во III одделение, ама сега ќе месиш лебови. Не.
Минута молк за навлечените на кафе по кафичи 3 саати дневно. Ним им е најтешко.
Продолжуваме.
Не се најде доволно гласен човек да им каже на родителите дека децата не им се на (из)вонреден распуст бидејќи биле супер ученици, не! Детето ти е дома бидејќи има голема шанса да легне на последна клупа во училница и после да се почеша за око, па да се поздрави со 6-7 другарчиња, па да се држи за држач во автобус, па да си го почеша носот, па да го фати телефонот, па после тебе ќе ти се изремети патувањето во Банско за 29 евра вон сезона. Стресови! Па уште парковите ги затворија… стресови на квадрат!
Седи дома. Бабо, дедо, вие највеќе!
Нов феномен кој веројатно нема сите да го разберат е, да им докажеш на повозрасните (бумери) дека корона вирусот навистина постои. Не е само за нашите, светски феномен е дека повозрасните кои, иронично се најпогодени од овој вирус, го негираат неговото постоење. Најчесто објаснувањето е дека е теорија на заговор, „кај бе баш мене ќе ме фати, како па да не!“, „абе ајде некои таму си шетале, сега сите дома треба да седиме“, и секогаш познатото „ништо не ми е!“ И 24 часа да им забраниш излегување тие пак ќе најдат како да се шмугнат, нели ништо не им е!
Бидете свесни и совесни, не сме во Среден век кога дома се правело поткиселено млеко, леб итн, маркетите постојано се дополнуваат со нови производи заради зголемената побарувачка. Нема да дојде Пиколомини да ни го запали градот против чумата, зошто не е чума и не сме 1689-та. Мијте ги редовно рацете, не ја купувајте цела тоалетна, брашното, во маркетите и ракавиците и маските во аптеките (доколку ги има), не сте сами во населбата, а богами и во светот.