Британскиот заменик амбасадот во Унгарија, Стивен Дик, почина во Будимпешта откако беше констатирано дека е позитивен на корона вирус. Дик, кој имал 37 години, починал во вторникот, како што јави вчера Форин Офисот.
„Стивен беше посветен дипломат и ја претставуваше својата земја со голема способност и посветеност. Ќе им недостига на сите оние кои работеа со него и кои го познаваа“ изјави секретарот, Доминик Рааб.
Пред да биде поставен во дипломатското преставништво во Будимпешта, Дик има работено во Кабул и Ријад. Минатата есен ја зазема позицијата во Унгарија, откако цела година посетуваше обука за да го научи унгарскиот јазик.
Неодамна се вратил од одмор во Мексико, а на почетокот на минатата недела, преку порака на WhatsApp соопштил дека има корона вирус и е во изолација, но добро се чувствува, освен што му е досадно.
Локалните извори јавуваат дека тој бил лекуван во болница во Будимпешта и дека неговата состојба нагло се влошила. Не било веднаш јасно дали можеби страда од некои дополнителни здравствени состојби.
Инаку, во Унгарија се потврдени 226 случаи на заразени со корона вирус, со тоа што во земјата биле спроведени само 6.800 тестови, што остава простор за сомнеж дека реалната бројка е многу поголема. Стивен Дик е 10-тиот смртен случај во земјата
А. Н. С.
Извор: Гардијан