На денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче информира дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти. Едниот пациент на возраст од 70 години од Куманово кој од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост, неговиот резултат на Ковид-19 се уште не е готов. Другиот е пациент на возраст од 68 години, од село во околината на Тетово, кој имал артериска хипертензија.
Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, со два контролни негативни теста на Ковид-19 се испишани тројца пациенти кои се во добра здравствена состојба и тие заминуваат дома, рече Филипче.
Во изминатите 24 часа регистрирани се 46 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје-13, Куманово-23, Дебар-2, Прилеп-1, Тетово-2, Велес-2, Гостивар -1, Гевгелија -2.
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска изнесува 430 лица. Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во: Скопје – 208, Куманово -85, Дебар –49, Штип-15, Прилеп – 22, Тетово – 15, Струга – 9, Велес – 8, Битола – 4, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 2, Гевглелија – 4, Струмица – 1, Крива Паланка- 2, Кочани – 1
Во изминатото дено-ноќие направени се 389 теста од кои преку ИЈЗ- 222. Преку Ветеринарен факултет – 13, лабораторија Авицена- 22, Биотек – 20 и Филип Втори (Жан Митрев) – 112. Досега во земјата се направени 4.506 тестирања на Ковид-19.
Министерот Филипче извести дека Владата донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението (полициски час) во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21:00 часот во петок (денес) до 05:00 часот во понеделник.
Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот.