Секој граѓанин е еднакво важен во битката со коронавирусот, само со почитување на мерките за заштита на здравјето им помагаме на здравствените работници, пишува во соопштението на СДСМ.
-Само заедно, со почитување на мерките за заштита на здравјето, само ако секој од нас е многу внимателен и одговорен, ќе успееме да го спречиме ширењето на коронавирусот и ќе се заштитиме.
Здравствените работници не можат сами, граѓаните мора да помагаат преку почитување на мерките.
Секој од нас е еднакво важен во битката со коронавирусот и за да ја одржиме епидемијата под контрола и да го заштитиме нашето здравје, мора да одржуваме физичка дистанца од 1,5 до 2 метри и да не се групираме; да носиме заштитна опрема-маска, марама, шал, секогаш на затворено и секогаш на отворено кога не можеме да ја одржиме дистанцата; редовно да вршиме дезинфекција и да ги миеме рацете.
Задолжително е носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.
За да помогнеме да се пресече патот на вирусот на лекарите им требаат точни податоци. Секој кој има симптоми на коронавирус, мора веднаш да ги сподели со епидемиолозите и точно да одговори на прашањата на епидемиолошката анкета. Ова е најдобар начин да се заштитиме себе, другите околу нас но и сите граѓани.
Ви благодариме што ги почитувате мерките. Само заедно ќе успееме да го вратиме животот во новото нормално, велат од Центарот за комуникации со јавност на СДСМ.