„Вистината за Бади“ e краток, средношколски игран филм, во кој ја гледаме моќта на една медиумска кампања и една еднострана вистина, како придонесуваат за потенцијална животна штета врз маалскиот миленик Бади.
„Вистината за Бади“ е дел од проектот „Сите вистини на веста“, кој го спроведува Центар за едукација, култура и активизам МУЛТУС, Гевгелија, во рамките на проектот финансиран од Европската унија „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии, изработен од средношколци од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.
Филмот ја следи приказната на две школски другарчиња кои се грижат за маалски миленик, но, по еден телевизиски прилог, кој е дел од цела кампања, маалскиот миленик го снемува. Децата се борат да си го вратат. Целта на оваа приказна е да се прикаже штетата од нецелосните вистини прикажани во медиумите, едностраните приказни и пристрасни кампањи.
– Направивме една маалска приказна, со куче, за да биде гледливо, а и самите тие доста страдаат токму од такви невистини. Но, ситуациите прикажани во филмот се апликативни во многу сфери. Медиумот сѐ уште ја има најголемата моќ, без разлика преку кој канал се спроведуваат или примаат вестите. Доста често, таа моќ е манипулирана во различни форми – некогаш е пристрасна кампања, некогаш е испревртена вистина, наречена спин, некогаш е целосна невистина. Важно е да научиме да ги препознаваме ваквите манипулации, за да изградиме наше мислење на нештата и да го развиваме нашето критичко размислување – изјавуваат од Центар Мултус.
За овој филм е ангажирана само професионална сценаристка, Ева Камчевска и супервизија од монтажер и режисер, Шенол Мехмед. Сите останати сектори ги одработиле децата. Во филмот учествуваат Бојана Марковска, Мартин Костадинов, Лазар Аризанов и Живко Сеизов како актери, директор на фотографија и главен снимател е Мартин Стојанов, а втората камера ја ракуваше Лазар Аризанов, шминката е на Тијана Дагалева. Во процесот на пост-продукција сите учесници имаа поделени обврски – од монтажа до превод на англиски и адаптација. Бади е домашен миленик, кој соработувал за потребите на филмот.
И.Ежова